Самарас: Нова демократија е повикана да ја заштити Грција

Лидерот на опозициската Нова демократија Андонис Самарас денеска изјави дека неговата партија е повикана да ја заштити земјата која се соочува со голем ризик, јави МИА.

По десетчасовен состанок на парламентарната група на Нова демократија, на кој говор одржаа околу 50 пратеници, Самарас во второто обраќање процени дека „партијата наскоро ќе биде повикана да се справи со многу тешки ситуации“.

Во врска со повикот на неколку пратеници за итен партиски конгрес, Самарас ги повика сите да се изјаснат.

– Јас немам никаков проблем со итен Конгрес, но нема да го одржам како подарок за Сириза, истакна тој и повтори дека „секој кој сака да го покрене прашањето за партиското водство, нека каже и нека иницира статутарен процес“.

Во врска со политичката слика во Грција, Самарас рече дека анкетите можат да се сменат за неколку дена. За најновите случувања со Европската централна банка и изјавите на Марио Драги, лидерот на Нова демократија изјави дека имало лоши вести истакна дека „изјавите на Драги се непријатен развој и го одразуваат погрешното водење на земјата и Министерството за финансии од страна на Сириза“.