Самарас: Опозицијата ќе ја доведе Грција до банкрот

Грчкиот премиер Андонис Самарас ја обвини опозициската Коалиција на радикалната левица СИРИЗА дека подготвува еднострани дејствија, кои ќе ја доведат земјата до банкрот доколку таа дојде на власт.

Самарас ја повтори неодамнешната изјава на пратеникот на СИРИЗА, Јанис Толиос дека кога левицата ќе дојде на власт може да го прекине исплаќањето на грчкиот долг, објави МИА.

– Ние ќе победиме на изборите на 25 јануари и тоа ќе биде крај на популизмот во Грција, истакна Самарас на вчерашната средба со раководството на неговата партија Нова демократија.

Портпаролот на СИРИЗА, Панос Скурлетис истакна дека евентуалната влада на оваа партија нема да презема такви чекори.

– Владата на СИРИЗА нема намера да ги прекинува исплаќањата или да презема еднострани дејствија за долгот, нагласи Скурлетис за телевизијата „Скај“.

Тој додаде дека доколку неговата партија дојде на власт ќе побара од кредиторите исплаќањето на долгот да биде одложено додека двете страни договорат нови услови за кредитот. Самарас ја започнува денеска предизборната кампања со посета на Солун, вицепремиерот и лидер на ПАСОК, Евангелос Венизелос ќе го посети Пелопонез, а СИРИЗА планира средба на партиското раководство, на која ќе биде утврдена нејзината предизборна стратегија.