Самит 100 во Скопје: Зелен коридор Љубљана – Скопје – Тирана

Балканските претприемачи од Скопје побараа од нивните политички елити да ја следат визијата за подобрување на инфраструктурата и меѓусебната поврзаност на Балканот. На Самитот 100 се промовираше платформата „Едисон“, со која се предвидува изградба на зелен коридор од Љубљана до Скопје и до Тирана во должина од 1.400 километри. Со овој проект на главните патишта во регионот би се инсталирале полначи за електрични автомобили, би се вовел заедничкиот превоз на повеќе лица со едно возило, еколошкото такси возила и други иновативни решенија.

„Едисон“ веќе здружува повеќе од 50 компании, институти и универзитети во Словенија за овој проект. Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев посочи дека зелената мобилност е добра идеја, но најпрво ќе мора да се изгради соодветна инфраструктура. Тој ја спомена несоодветната поврзаност на Скопје со соседните Тирана и Софија, до кои денеска се патува и над пет часа.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи и министрите за надворешни работи, Никола Димитров и за транспорт и врски Горан Сугарески, се сретна со комесарката за транспорт на Европската комисија, Виолета Булц, придружувана од амбасадорот на ЕУ во Република Македонија, Самуел Жбогар.

„Продолжете да градите силна доверба со Европската унија. Европската комисија ги цени и ќе продолжи да ги поддржува напорите на Владата на Република Македонија за зајакнување на регионалната соработка и за отворање евро-атлантски перспективи на Македонија и на државите од регионот како и отворените реформските процеси во државата. Резултатите од вчерашните избори се силен позитивен поттик за Владата да ги реализира најавените политики за квалитетен живот на граѓаните и за отворање перспективи на Република Македонија, ова е моментот да се направи отскок напред“ е пораката што ја пренесе комесарката Булц на премиерот Заев.

Потребно е, како што рече комесарката Булц “предвидлива, транспаретна клима за инвестирање“ што ќе помогне на државите во регионот полесно да се поврзат со земјите од ЕУ, а со тоа и да обезбедат подобар живот за граѓаните во своите држави.

„Владата на Република Македонија презема конкретни чекори за реализација на зацртаниот реформски План 3-6-9 што води кон квалитетен живот за граѓаните и исчекор кон ЕУ интеграциите. Резултатите од вчерашните избори за нас се сериозна одговорност пред граѓаните да го овозможиме тоа и за нив и за државата. Ќе продолжиме да даваме позитивен пример како се градат добрососедски односи и пријателства и со тоа да отвораме пат за интеграција на Македонија и на регионот во евро-атлантското семејство“, рече премиерот Заев.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.