Самит на ЕУ посветен на инвестициите, климатската состојба, Украина и Русија

Европскиот совет денеска ќе го одржи последниот Самит во 2014 година, кој е предвидено да трае два дена, а на кој главни точкии се инвестицискиот план и пакет за Европската унија, климатската состојба, ситуацијата во Украина и односите со Русија, како и усвојување на заклучоците во однос на земјите-кандидат за членство, меѓу кои и Македонија.

Како што јавува МИА, во вторникот на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК), министрите за надворешни рбаоти на земјите-членки на Унијата ги усогласија заклучоците, во кои за ниту една од земјите-аспиранти за членство не се даваат шанси за напредок во евроинтеграциите, додека за препораката на Европската комисија за отворање на пристапните преговори со Македонија, Советот ќе заклучи дека „на ова прашање да се наврати во кое било време во 2015 година, по констатирањето од страна на Комсиијата за напредок во добрососедските односи, прашањето за името со Грција и во Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД)”.

Она што е интересно е што денеска, новиот претседател на Европскиот совет, Полјакот Доналд Туск, првпат ќе претседава со Самитот на ЕУ. Денешната сесија предвидено е да започне во 16:00 часот со традиционалната размена на мислења со претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц. Според агендата, Советот потоа ќе ја посвети првата работна сесија на една од главните теми на Самитот, а тоа е подобрување на инвестициската клима во Европа.

За време на денешната работна вечера, шефовите на држави или владите на членките на ЕУ ќе разговараат за ситуацијата во Украина и Русија, како и за поддршката на Унијата за процесот на реформи во Украина. Утре изутрина, лидерите на ЕУ ќе имаат можност повторно да се состанат за да ги резимираат дискусиите за економските прашања и да ги усвојат заклучоците за процесот на проширување на Унијата.

Во однос на работната сесија за инвестициите, лидерите се очекува да повикаат на воспоставување на Европскиот фонд за стратешки инвестиции и за негово активирање преку брза законска процедура. Европскиот совет дополнително очекува повик за мерки за подобрување на регулаторната средина за инвестиции, а лидерите на земјите ќе ја нагласат и потребата да се отстранат пречките во внатрешниот пазар, особено во областа на услугите, зајакнување на мултилатералниот трговски систем и да склучат билатерални трговски договори со важни партнери.

Европскиот совет ќе разговара и за предлогот на Еврокомисијата за енергетска унија, како и за предлозите на Европскиот парламент за единствен дигитален пазар и за напорите кои треба да имаат позитивен ефект за зголемување на инвестициите во Европа. Советот се очекува да истакне дека новиот фокус на инвестициите треба да се гледа во контекст на целокупната стратегија на ЕУ за работни места и трајното економско закрепнување на Европа. Ова вклучува подеднакво важни напори за интензивирање на структурните реформи, како на национално, така и на европско ниво, како и солидни јавни финансии.

Денешниот Самит на ЕУ исто така се очекува да се посвети и на напредокот во разговорите за прашањата за даночните затајувања и за агресивните даночни планирања, како и да се договори временска рамка за понатамошна работа на поблиска координација на економските политики во Економската и монетарна унија (ЕМУ).

Во однос на Украина, Европскиот совет се очекува да ја оцени ситуацијата во земјата и да оствари стратешка дискусија за импликациите на украинската криза и како таа влијае врз политиката на ЕУ кон Русија и Источното партнерство. Лидерите се очекува да и честитаат на Украина за нејзината нова Влада и на нејзината решеност да ги спроведе политичките и економски реформи.

Во пресрет на Самитот, се очекува Советот да усвои дополнителни санкции во поглед на, како што се наведува, континуираната илегална анексија на Крим и Севастопољ. ЕУ ќе продолжи да се залага за целосна и брза имплементација на Протоколот од Минск, како чекор кон одржливо политичко решение на кризата во Украина, кое треба да се базира на почитување на украинската независност, суверенитет и територијален интегритет.

Шефовите на држави или влади на членките на Унијата денеска се очекува повторно да ја повикаат Русија да се повлече од Источна Украина, да престане со снабдување со војници и опрема на сепаратистите и да овозможи ефикасна контрола на границата и да му овозможи на ОБСЕ во извршување на неговата мисија. ЕУ ќе ја повтори и економската поддршка на Украина, вклучувајќи и макрофинансиска помош од 1,6 милијарди евра и договор за друга помош од 355 милиони евра.

– Ќе ја искористиме денешната работна сесија за да разговараме за тоа како да се зголемат инвестициите во Европа. Ние ќе обезбедиме јасна насока за работа во наредните месеци, преку воспоставување на новиот Европски фонд за стратешки инвестиции и подобрување на рамковните услови за инвестирање. Во тој поглед ги поканив претседателите на Европската инвестициска банка (ЕИБ) и на Европската централна банка (ЕЦБ) да ни се придружат во оваа дискусија. Исто така, за време на вечерата, денеска ќе разговараме и за теми од надворешни односи, особено за состојбата на нашите источни граници. Кризата во Украина останува сериозен проблем и ние треба да го задржиме ова прашање во фокусот. Затоа е важно што на оваа средба доаѓаме со јасна политичка порака. А, во петок, Советот ќе се посвети на сите преостанати работи. Со нетрпение очекувам да се сретнеме, гласи писмото-покана на Туск до шефовите на држави или владите на членките на ЕУ.

Она што е интересно е дека по завршувањето на Самитот, утре во зградата на Европскиот совет во Брисел, претседателот на Советот, Доналд Туск ќе оствари средба со македонскиот премиер Никола Груевски, што ќе биде нивна прва средба откако Полјакот ја презема функцијата од Херман ван Ромпуј.