Самитот на НАТО во атмосфера на тензии во односите меѓу ЕУ и САД

Шефовите на држави и влади на земјите членки на НАТО ќе се состанат во средата и четвртокот на самитот во Брисел, на којшто се очекуваат нови притисоци од страна на американскиот претседател Доналд Трамп врз сојузниците да ги зголемат нивните издвојувања за одбраната, а овој состанок на врвот се одржува во атмосфера и на тензии во трансантлантските односи поради трговските прашања.

На дневниот ред на самитот, освен балансираната распределба на трошоците, ќе биде поставени и прашањата за јакнење на способноста за одвраќање и одбрана на блокот, проектирање на стабилноста, борбата против тероризмот, посилната соработка со Европската унија.

„САД трошат на НАТО повеќе од која и да е друга држава. Тоа не е чесно, ниту, прифатливо. Иако овие земји ги зголемуваат своите придонеси откако сум јас на должноста, тие мора да сторат многу повеќе.“, порача американскиот претседател Доналд Трамп преку Twitter во понеделникот пред заминувањето за Европа. Трамп од вторникот започна мини турнеја во текот на којашто во следните седум денови ќе посети четири европски престолнини. По самитот во Брисел, ќе отпатува во Лондон, потоа во Глазгов, а во понеделник на 16-ти јули заминува во Хелсинки каде што ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин. Оваа средба, инаку, предизвикува стравувања кај европските сојузници на САД, бидејќи евентуален позитивен исход од средбата на челниците на двете суперсили може да предизвика помала американска присутност на европскиот континент.

Членките на НАТО од самитот во Букурешт во 2008, а потоа конечно и на средбата ба врвот во Велс во 2014 години зацртаат дека во следниот десетгодишен период ќе ги зголемат своите издвојувања за одбраната на 2 отсто од бруто домашниот производ (БДП). Таа цел според најновите податоци во моментов ја исполнуваат само осум држави членки: САД, Велика Британија, Грција, Естонија, Литванија, Латвија, Полска и Романија. Се очекува дека до 2024 година оваа цел ќе ја исполнат вкупно 17 држави. Покрај споменатите осум коишто веќе ги исполнуваат барањето, ним ќе им се придружат уште Албанија, Бугарија, Словачка, Турција, Унгарија, Франција, Чешка, Црна Гора и Хрватска. Меѓутоа, уште некои земји, меѓу кои се и големи членки како Германија, Италија и Шпанија, нема да можат ниту до овој рок да ја исполнат зацртаната цел. Од вкупните трошоци за добраната на сите држави членки на НАТО, на САД отпаѓаат дури 70 отсто што создаваше притисок и врз претходните администрации во Вашингтон.

Од друга страна, кога станува збор односите меѓу САД и земјите членки на НАТО, особено европските, напнатата атмосфера ја создава и одлуката на претседателот Трамп да воведе царини за алуминиумот и челикот увезени од Европската унија, Канада и Кина. Трамп, исто така, минатата седмица повторно ги искажа заканите дека ќе наметне царини од 20 отсто на увозот на возилата од Европската унија, поради според него нефер односот од страна на Унијата. Сегашните американски увозни царини на автомобилите од ЕУ изнесуваат 2,5 отсто, а на камионите 25 проценти. ЕУ има царини од 10 отсто на автомобилите увезени од САД.

Американскиот претседател на почетокот од јули ја обвини Европската унија не се однесува во трговијата подобро од Кина и оти со своите трговски методи на САД им нанесуваат исто толкави штети. „Европската унија прави веројатно подеднакво штети како и Кина, само што е помала. Европејците минатата година имале трговски суфицит (со САД) од 151 милијарда долари, а освен тоа ние трошиме цело богатство на НАТО да ги заштитиме. Страшно е тоа што ни го прават. Сите на некој начин ја сакаме Европската унија, но тие земји со нас лошо и неправедно постапуваат“, изјави Трамп меѓу другото во разговорот за телевизиската мрежа Fox News.

Тамп во првата половина на минатиот месец предвремено го напушти состанокот на врвот на челниците на групата Г7, и одби да ја поддржи веќе усогласената традиционална заедничка изјава. Поради тоа во ЕУ стравуваат од непредвидливоста на американскиот претседател, а особено од можноста тој да направи некои отстапки кон рускиот претседател пред нивниот самит во Хелсинки. Оттаму, европските очекувања, според повеќето аналитичари, се сведени на тоа самитот да мине без поголеми изненадувања и потреси. Европските сојузници стравуваат дека Трамп би можел да ги продлабочи поделбите меѓу САД и ЕУ, и особено да испровоцира поделби во рамките на самата Европска унија.

Меѓу другото, се споменува дека Трамп како отстапка кон Русија би можел да ја откаже воената вежба на НАТО под наслов „Тrident Juncture 2018“ којашто е најавена како најголемата вежба на воениот блок од крајот на Студената војна. Оваа вежба којашто во октомври треба да се одржи во Норвешка, стравуваат во Брисел, Трамп може да ја откаже под изговорот дека Русија овие маневри би можела да ги сфати како закана, како што и редовно го прави по повод речиси перманентните воени вежби на нејзините граници почнувајќи од 2014 година со почетокот на украинската криза. Исто така, Трамо би можел да го оправда ова евентуално повлекување сотоа дека претставува голем трошок за американските даночни обврзници.

Челниците на членките на НАТО на самитот ќе ги потврдат одлуките за прилагодување на командната структура на Алијансата, којашто ќе се зголеми за 1.200 лица, како и „иницијативата за подготвеност“ или „4 по 30“ според којашто сојузниците до 2020 година ќе имаат 30 механизирани баталјони, 30 воздухопловни ескадрили и 30 борбени пловила, подготвени за дејствување во рок од 30 дена или помалку. Ќе се потврдат според најавите и одлуките за новата Заедничка команда за Атлантик којашто ќе биде стационирана во Норфлок во САД, како и новата Логистичка команда во Улм во Германија.

Се очекува дека сојузниците ќе ја донесат и одлуката за почетокот на преговорите за пристапување на Македонија во НАТО, откако беше потпишан договорот со Грција за промена на уставното име на земјата, што беше главната пречка изминатите години од страна на Атина којашто го поставуваше ветото во Алијансата којашто сите одлуки ги носи едногласно. Преговорите за македонското пристапување може да започнат на 1-ви август, но од Брисел предупредуваат дека тоа, меѓутоа, сѐ уште не значи ништо и дека поканата за членство ќе биде упатена дури откако целосно ќе биде спроведен договорот за промена на името на Македонија којашто поканата ја очекува од самитот во Букурешт во 2008 година. Неодамна премиерите на двете земји постигнаа договор за промена на името во Северна Македонија, но тој треба да биде потврден во двете земји, меѓу другото можеби и на референдуми кои би се одржале до крајот на оваа или почетокот на следната година.

За поканата за членство ќе мора да ја исполни обврската за исполнување на договорот со Грција, најави во вторникот генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг. „Очекувам дека пос историскиот договор од изминатите месеци за прашањето на името ќе се согласиме да го поканиме Скопје да започнеме пристапни разговори. Откако договорот ќе биде финализиран и спроведен ние ќе ја поканиме поранешната југословенска Република Македонија да стане 30-та членка на НАТО под нејзиното ново име – Република Северна Македонија. Силен сигнал дека вратата на НАТО е и останува отворена“, рече Столтенберг.

Се очекува, исто така, дека на самитот во Брисел ќе се донесе одлуката и за продолжување на финансирањето на авганистанските безбедносни сили до 2024 година. Според сегашниот договор, сојузниците ги финансираат вооружените сили на Авганистан со околу милијарда американски долари годишно до 2020 година. Во контекстот на ангажирањето на Алијансата во трети земји, се очекува и потврдување на одлуката за нова мисија за обука на силите на Ирак во рамките на борбата против џихадистичката терористичка организација Исламска држава, како и продолжување на пристапот на два колосека кон Русија, од една страна јакнењето на способноста за нејзиното одвраќање, а од друга, продолжување на дијалогот со Москва.

НАТО основан во 1949 година како сила за одвраќање од тогашната наводна советска закана, е заснован на цврста соработка меѓу земјите од Европа и САД. По завршувањето на Студената војна настапи своевидна криза во барањето на нови цели на постоењето на воениот сојуз, и откако неговите тогашни челници му ветиле на последниот советски лидер Михаил Горбачев дека по распаѓањето на СССР, Алијансата нема да се проширува кон руските граници. Меѓутоа, ваквите дилеми престанаа и поради обвинувањата од Москва дека не се почитува овој договор, а особено по избувнувањето на украинската криза во почетокот на 2014 година, што беше искористено од НАТО за испраќање на трупи на самите руски граници во балтичките земји и Полска како сила за одвраќање од наводните руски закани.