Само 11 држави не се вклучени во никаков конфликт

Светот е во состојба на војна и ситуацијата ќе продолжи да се влошува, покажува истражувањето на познатиот аналитички центар, Институтот за економија и мир, пишува британскиот весник „Индипендент“.

Според Институтот, кој ги изготвува извештаите „Глобален индекс на мирот“, од 162 земји вклучени во истражувањето само 11 не се вмешани во никаков конфликт.

Изминатите седум години светот станува сè помалку мирен и тенденцијата за намалување на конфликтите по Втората светска војна, драстично се врти во обратна насока, се наведува во годишниот извештај на Институтот.

Земји со најниско ниво на конфликт се Швајцарија, Јапонија, Катар, Маурициус, Уругвај, Чиле, Боцвана, Костарика, Виетнам, Панама и Бразил. Во Бразил и Костарика, сепак, пристапот на граѓаните до лесни оружја и веројатноста од демонстрации придружени со насилсво се мошне големи.

Швајцарија не учествува во надворешни конфикти и има многу мал ризик од внатрешни проблеми, но вкупниот индекс на мирот опаѓа и во оваа земја поради големиот извоз на оружје.