Само 15 Македонци лани добиле азил во Франција

За прв пат во седум години, во 2014 година бројот на барателите на азил во Франција се намали според билансот на Офпра (француското биро за заштита на бегалците и апатридите), јави МИА.

Во текот на минатата година во Франција азил побарале 64.811 лица, до нив 59.313 биле прво побарување на азил (-1,9%) и 13.859 биле придружувани малолетници (-4,7%).

Најмногу од барателите на азил доаѓаат од Демократската република Конго (3.782 баратели односно -4,6% помалку), потоа Кина 2.497 баратели или +17,6% и Бангладеш 2.425.

2014 година Офпра донесе 69.255 одлуки за барањата на азил, наспроти 62.056 во 2013. Стапката на позитивна одлука минатата година беше 16,9%, односно по евентуалното жалење до Националниот суд за право на азил, секој петти барател на азил има шанса да го добие тоа право во Франција.

Македонија и оваа година се наоѓа на листата на сигурни земји, што значи добивањето на азил е исклучително ретко и барањата се разгледуваат по забрзана приоритетна постапка. Македонија е рангирана на 43 место според бројот на поднесените барања.

Во 2014 година во Франција барање за азил од Македонија по прв пат поднеле 161 лица. Лани биле разгледани вкупно 238 барања за азил од македонски државјани, а од нив азил добиле само 15 лица.