Само бод за Напоил кај Сасуаоло

Фудбалерите на Наполи освоија само бод одигрувајќи 1:1 (0:1) на гостувањето кај Сасуоло, со што ја испуштија можноста барем привремено да ги минат актуелниот шампион Јувентус и да заседна на чело на табелата од италијанската Серија А.

Сасуоло поведе во 22 минута со голот на Политано, а наполитанците израмнија дури во 80 минута, кога Рожерио ја испрати топката во сопствената мрежа. Наполи има 74 бодови, еден помалку од водечкиот Јувентус, додека Сасуаоло против фаворитот освои драгоцен бод во борбата за опстанок, сега е 16-ти со 28 бодови, четири повеќе од зоната за испаѓање.

Интер, пак, беше сигурен со 3:0 против Верона. Мауро Икарди веќе во првата минута беше одлично одигран од Иван Перишиќ и го постигна својот 23-ти гол сезонава во Серија А, а веќе во 13 минута Перишиќ беше стрелец по проигрувањето на својот сонародник Марсело Брозовиќ. Икарди во 49 минута го постигна и 24-от првенствен гол, повторно откако беше проигран од Перишиќ. Интер сега е четврти со 58 бодови, два бода и меч помалку од третата Роа, а бод повеќе исто така со меч помалку од петтиот Лацио. Верона, пак, е претпоследна со 22 бода и во следните мечеви ќе го бара спасот за останување во Серија А.

Фиорентина со головите на Симоне во 3 и Киеза во 62 минута пред своите навивачи го совлада Кротоне. Фиорентина е осма со 42 бода, а Кротоне е 18-то со 26 бодови.

Удинезе до 68 минута одржуваше 0:0 на гостувањето во Бергамо кај Аталанта, но тогаш домаќините дојдоа во водство преку Петања, а во 74 минута победата ја завери Масељо. Удиенезе има 33 бодови и е на 12-то место, а Аталанта остана седма со 44 бодови.

Најубедлива победа во саботата оствари Лацио кој со 6:2 го совлада последниот Беневенто, иако гостите до 60 минута водеа со 2:1. Меѓутоа, со три голови во осум минути, Лацио направи пресврт, Два гола за победниците постигна Имовиле, во 19 и 68 минута, а по еден Каичедо во 60, де Вриј во 66 , Лукас Леива во 83 и Алберто од пенал во првата минута од судиското продолжение, додека за Беневенто головите ги постигнаа Каталди во 23 и Гиљерме во 51 минута. Лацио има 57 бода, а Беневенто има само 10 бодови и одамна е отпишан.

Убедлива беше и екипата на Торино, која со 4:0 славеше на гостувањето кај Каљари. Стрелци беа Фалке во 61, Љајиќ во 65, Ансалди во 79 и Оби во 89 минута, со што торинезите дојдоа до 39 бодови за 10-то место на табелата. Каљари пак со 29 бодови е на 14-то место.

Колото ќе биде заокружено со дербито во Торино, каде што во 20.45 часот започна дуелот меѓу Јувентус и Милано.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.