Само бод за ЖРК Вардар во дуелот со Савехоф

Ракометарките на ЖРК Вардар СЦБТ ремизираа 27:27 на гостувањето кај шведскиот тим Савехоф, во рамките на второто коло во првата четвртфинална група од Лигата на шампионите.

Вардарки лошо го почнаа мечот, пред се’ во одбраната, но немаа ниту течен напад. Савехоф тоа го искористи и поведе со 3:0, предност која ја одржуваше речиси до крајот на првиот дел кога успеавме да изедначиме и на одморот да заминеме во егал 15:15.

Второто полувреме повторно стартуваше лошо за „црвено-црните“ Три гола во серија за Севахоф, за водството од 18:15.Ова водство Швеѓанките го чуваа до самиот крај на натпреварот. Но, Хмирова со два гола по ред израмни на 26:26, на четири минути до крајот. Потоа и Андреа Лекиќ во контранапад постигна гол за водство (26:27), но Савехоф од седмерец израмни за конечни 27:27. Во последниот напад, Сираба Дембеле доби топка, но не успеа да упати удар, а се чини дека беше и фаулирана, но судиите не досудија седмерец.

Најефикасна на натпреварот со девет голови беше Џени Алм (Савехоф). Ина Суслина имаше 14 одбрани во тимот на ЖРК Вардар СЦБТ, а Андреа Лекиќ постигна седум погодоци.