Само грчката и турската служба во регионов имаат капацитет да располагаат со такви материјали

Се работи за материјали кои не се достапни до ниту еден граѓанин. Може да има некој службеник во МВР, два, три или пет разговори. Но, ова е цел систем, вели Драган Павловиќ- Латас во синоќешното гостување во емисијата „Акцент“ на МТВ.

Според него, вакви материјали може да имаат само силни разузнавачки служби, каква што не е, ни македонската, ни албанската, ни косовската, ни бугарската ни српската. Во нашиот регион таков капацитет имаат само Турците и Грците, смета тој.

-Според тоа што Заев со своите колеги разговарал, тие материјали во голем дел се синхронизирани на англиски јазик, со методологија која е исклучително стручна, детална и педантна на англиски јазик. Ви потенцирам, дел од материјалите се синхронизирани, тоа се негови фалења, тоа се негови дигања на морал. Судската постапка ќе покаже нешто со што мислам дека ќе бидеме шокирани. Само еден процент од она што Заев го кажувал пред своите колеги, да се покаже на суд, тоа е шокантно, вели Латас.

Латас додава дека има обид за државен преврат кој е недвосмислен и тука нема што да се дискутира.

-Вие доаѓате кај премиер, му викате истото е тоа еве ти толку милиони долари и оди си од власт или еве ти закана од телефонски разговори и оди си од власт, но во секој случај дај ни ја власта, надвор од избори. Секоја власт добиена надвор од избори е недемократски стекната власт, во случајов и незаконски бидејќи се употребува, прво кривично дело, располагање со прислушкувани разговори, само да ги располагаш, ти си веќе криминалец, а Заев се фали дека ги располага. Второ, располага со разговори од илјадници луѓе, вели Латас.