Само надрилекари со тапија ќе лекуваат во Македонија

Надрилекари, исцелители, билкари… Сите тие слободно се појавуваат во медиумите и на социјалните мрежи и им нудат на граѓаните најразлични лекови за кои никој не гарантира дека не се штетни по здравјето, а со ништо не гарантираат ниту за сопствената професионална подготвеност. Со Законот за комплементарна и алтернативна медицина ќе се воведе правна рамка со која граѓаните кои сакаат да користат ваков тип на лекување ќе се заштитат од надрилекарите, но и ќе им се понуди целосно безбеден и сигурен третман кој нема да штети по здравјето.

Предлог законот за комплементарна и алетрнативна медицина го помина првиот филтер, односно Собраниската комисија за здравство во петокот констатира дека тој е прифатлив и може да се даде на понатамошно читање.

Заменик-министерот за здравство Јовица Андовски во образложението рече дека станува збор за прашања кои досега не биле регулирани со некое законско решение, подолго време го правеле Предлог-законот и оти консултирани се и се усогласени со сите репрезентативни здруженија од оваа област.

– Станува збор за Предлог – законот за комплементарна и алтернативна медицина која опфаќа повеќе постапки, методи за дијагостика, лекување, рехабилитација кои благотворно делуваат и би можеле благотворно да делуваат на човековото здравје кои согласно медицинската доктрина не се опфатени во здравствените услуги согласно медицината заснована на докази, истакна Андовски.

Укажа дека целта е да се идентификуваат и дефинираат дисциплините на комплементарна и алтернативна медицина кои ќе бидат дел од здравствениот систем на Република Македонија, да се утврдат условите под кои тие ќе можат да бидат практикувани, видот и степенот на стручната подготовка односно да се утврдат образованието и квалификациите кои лицето кое сака да практикува некоја од дисциплините на комплементарна и алтернативна медицина треба да ги поседува.

Меѓу другото, целта е да се создаде механизам што ќе овозможи пациентот да биде заштитен од неквалификувани поединци, да му се гарантира максимум безбеден третман, како и да му се овозможи на пациентот да го оствари правото да избере третман врз основа на точни информации, да се утврди дали лицата кои сакаат да практикуваат некоја од дисциплините на комплементарна и алтернативна медицина треба да членуваат во некоја професионална организација или комора и да бидат обврзани на континуирана едукација итн.

Со новата законска регулатива методите и постапките на компатибилната и алтернативната медицина ќе може да ги применуваат само лицата кои имаа завршено високо образование од областа на медицината, односно фармацијата или имаат завршено вишо или високо стручно образование со најмалку 180 ЕКТС од областа на медицината, кои имаат положен стручен испит за здравствени работници согласно прописите од областа на здравствената заштита и поседуваат сертификат за завршен курс/ обука за вршење на методите и постапките на традиционалната кинеска медицина во Република Македонија или во странство.

Комплементарната и алтернативната медицина опфаќа методи и постапки за дијагностика, лекување и рехабилитација, кои благотворно делуваат или би можеле благотворно да делуваат на човековото здравје или неговата здравствена состојба, а кои согласно медицинската доктрина не се опфатени во здравствените услуги согласно медицината заснована на докази.

Various alternative medicines

Комплементарната медицина укажува на можноста одредени комплементарни системи и практики да се користат како дополнување и заедно со тераписките процедури на медицината заснована на докази. Пример за комплементарна медицина е користење на ароматерапијата која се користи за да му го олесни закрепнувањето на пациентот по извршена хирушка интервенција. Алтернативната медицина опфаќа третмани кои се користат наместо страндардните третмани базирани на научни докази од истражувачки студии. Пример за алтернативна терапија е користење на специјален диететски режим на исхрана во третманот на канцерот наместо извршување на хирушка интервенција, хемотерапија и радиотерапија.

Примери на системи на алтернативна медицина кои се развиле во западната култура се хомеопатската медицина и натуропатската медицина. Примери на вакви системи кои се развиле во другите култури се традиционалната кинеска медицина и ајурведа.

Оттука, терапии за комплементарна и алтернативна медицина, меѓу повеќето, се акупунктура и традиционална кинеска медицина, фитотерапија (терапија со билки и чаеви), хомеопатија, остеопатија, натуропатија, киропрактика и ајурведа.

Методи и постапки на дијагностика и лечење, особено се: традиционална кинеска медицина, хомеопатија, традиционална индиска медицина-Ајурведа, фитотерапија, квантна медицина и сродни техники, киропрактика и примената кинезиологија. Методи и постапки на рехабилитација особено се: апитерапија, арома-терапија, духовна енергетска медицина, енергетска терапија-Реики, детекција на штетни зрачења, јога вежби, семеен распоред (Фенг Шуи), макробиотика, традиционална домашна медицина.