Само пензионерите не ги фаќа законот за хонорарци

Законот за задолжително пензиско и социјално осигурување на хонорарците веќе влезе во собраниска процедура. Иако, првичната верзија предвидуваше изземање од законот за, спортисти,пензионери, избрани и именувани функционери, судии, според финалниот текст, единствена привилигирана категорија во овој случај ќе бидат само пензионерите.

„Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување уредува дека сите лица кои остваруваа приходи од извршување физичка и /или  интелектуална работа, врз основа на договор за дело и/или авторски договор или друг договор со кој е определен надоместок повисок од минимална плата, имаат обврска да плаќаат придонес за пензиско и инвалидско осигурување. Исклучок од ова законско решение има само за корисниците на пензија, односно корисниците на пензија немаат обврска да ги плаќаат социјалните придонеси доколку покрај пензијата остваруваат приходи по основ на договор за дело и/или авторски договор или друг договор со кој е определн надоместок. Во законот не постои исклучок од правилото за плаќање на социјалните придонеси за некоја категорија работници, фукционери, менаџери или слично“, објаснуваат од Министерството за труд и социјална политика.

Иако од Сојузот на стоански комори, кои генерално ги поддржаа новите законски измени, најавија дека ќе побараат да се помести прагот на висината на сумата на хонорарот  за која ќе бидат задолжителни овие давачки, односно наместо  минмална, граница да биде просечна плата, забелешката не е усвоена.
Останува, плаќањето на социјалните придонеси да се врши доколку приходот или приходите од извршување договор за дело и/или авторски договор или друг договор за извршување физичка или интелектуална работа со кој е определен надоместок за извршената работа во нето износ се повисоки од 9.590,00 денари, односно нето износот на минимална плата за 2015 година.

Работниците кои земат хонорари од повеќе места, а крајниот збир е поголем од минималната плата, ќе имаат обврска самите да си ги платат давачките. Притоа придонесот за пензиско осигурување, наместо во двата задолжителни пензиски фонда ќе се слева само во државниот фонд.

Како заштитен механизам од изигрување на законот и евентуални манипулации со кои би се загрозила положбата на работникот, надзор на договорите за дело ќе врши Државниот инсекторат за труд.

Со новите измнеи за првпат се предлагаат мерки со кои ќе се регулира работниот однос на хонорарците.

Од Владата сметаат дека законското решение е добро и ќе има позитивни ефекти. Измените биле направени за да се спречат досегашните злоупотреби, и тоа според искуствата од Европската Унија.

Со дополнителната уплата за пензиско осигурување, во случај работникот да е веќе во редовен работен однос, оди во прилог на зголемување на пензијата, а со евентуалното повеќекратно уплаќање во здравствениот фонд, би се подобриле здравствените услуги.

Од МТСП напоменуваат дека оваа мерка е насочена кон заштита на работничките права, кон поголема социјална сигурност на работниците и кон давање на права и можности работниците да бидат осигурени, односно да бидат дел од задолжителното осигурување.

Дел од синдикатите и невладините организации се против носењето на новите законски измени. Сметаат дека измените нема да имаат последици по џебот само на оние кои се хонорарни работници, туку и по оние кои се вработени согласно Законот за работни односи. Хонорарците сепак  стравуваат дека работодавачите за да го спроведат законот, ќе им ги намалат  и онака ниските хонорари, или пак ќе бидат избркани од работа.

Законските измени стапуваат на сила од 1 јануари 2015 година.