Само Сколари и Нишимура видоа пенал за Бразил

За разлика од целиот свет, од сите фудбалски стручњаци кои се згрозени до арбитражата на јапонскиот судија, предводникот на Бразил, Луис Филипе Сколари е убеден дека Нишимура донел правилна одлука и со право покажал на белата точка во 72 минута.

„Можеби цел свет не виде пенал, но судијата видел и тој е тој што одлучува. И ако мене ме прашате мислам дека беше пенал, а имаше и одредени одлуки кои беа против нас. Но, тоа се негови проценки и нема што сега да коментираме. На Ковач, за сите коментари, ќе му кажам дека Бразил досега бил пет пати светски шампион. Ако ова е циркус, тогаш досега исто така сме биле на пет циркуси на кои сме победувале. Разбирам дека тој мора така да зборува. Веројатно и јас истото би го кажал да бев во негова кожа. Но, судиите не се тие што му носат победи на Бразил“, изјави селекторот на Бразил.