Само со техничка влада Македонија може успешно да влезе во фотофиниш

Од временска дистанца од повеќе од една година откако СДСМ и коалицијата, на предвремените парламентарни избори во декември 2016, а потоа и на локалните избори во октомври 2017, ја презедоа власта во Република Македонија, останува отворено прашањето што вети, а што исполни владеачката коалиција и каде ја води сега државата.

Очигледно е дека од двата изборни циклуси па до денес настанаа големи промени во Македонија, но прашање е колку тие промени се оние кои беа ветени и оние кои ги очекуваа граѓаните.

Факт е дека приоритет за граѓаните во Македонија е економијата, односно растот на бројот на вработени и растот на платите.

Во предизборието лидерот на СДСМ Зоран Заев ветуваше раст на платите во Македонија, при што рече дека целта е просечната плата во земјата да порасне на 500 евра и стандардот на граѓаните да биде повисок.  Наместо тоа, од ден во ден гледаме дека повторно се активираат работнички незадоволства. Нема нови работни места, нема отворање на нови фабрики, а постоечките се стопираа под изрека дека треба да се проверат или не се добри, само и само со цел да се присвојат за свои, во немање идеи и нови проекти.

За просечна плата од 500 евра, денеска во Македонија може само да се сонува!

Од друга страна задолжувањата се зголемуваат, а никој не знае поради што? БДП има негативен раст, девизните резерви се намалуваат, јавниот долг расте.

Каде одиме? Дали ова е подобрата економска перспектива која СДСМ ни ја ветуваше пред изборите? Дали е ова животот кој требаше да дојде?!

И во момент кога македонската економија е на колена, таа ќе треба да понесе уште еден голем товар, товарот на двојазичноста.

За имплементација на Законот за употреба на јазиците начелно се потребни 1,7 милиони евра. Но, прашање е колку навистина ќе не чини двојазичноста?! Експертите предупредуваат дека таа ќе ја чини домашната економија и џебот на македонскиот граѓанин дури и десет пати повеќе од предвиденото. Законот предвидува формирање на нови агенции, нови вработувања, многу приспособувања во сите државни институции и во Струмица, Берово, Битола, Гевгелија и сите општини во цела Македонија, со по 20 до 60 преведувачи во подрачните единици на министерствата (образование, земјоделие, труд и социјална политика, транспорт..), полицијата, царината, инспекторатите, болниците. Да не заборавиме дека непочитувањето на овој закон предвидува големи казни.

Сето тоа ќе наметне нови трошоци, а ќе се согласите, товарот ќе го носиме сите подеднакво. Немаше ли простор за проширена граѓанска дебата? Немаше ли простор да се причека мислење од Венецијанската комисија, а потоа да се понуди применлив и практичен закон во интерес на сите заедници.

Нели Заев лично во 2017 година ни ветуваше дека нема да има двојазичност во сите институции на целата територија на земјата. Ни велеше, луѓе тоа се само „будалаштини„. Или можеби ова е одговорот на ветувањата дадени во Швајцарија за проширување на рамките на Охридскиот договор.

Очигледно е дека се прават манипулации и со граѓаните на Република Македонија од албанска етничка заедница, под превезот дека наводно им се унапредуваат правата. Тоа не е вистинскиот одговор на уставното право и тие равноправно да ги имаат сите права како и останатите граѓани на Република Македонија.

Во атмосфера на етничка подвоеност, подгреана со Законот за јазици, но и економска осиромашеност, го пречекавме Коѕијас, кој донесе непристоен предлог за слеано име, дрско испишан на 20 страници и во 55 параграфи. Небаре ние сме нешто виновни, па Коѕијас е дојден нешто да ни суди.

Па кој е тој Коѕијас!? Нели прашањето за името требаше да се решава под покровителство на Обединетите Нации. Ако некој треба да носи предлози тоа е посредникот Метју Нимиц.

Или Грците видоа село без кучиња, па сега тука ќе прават тоа што не можат дома. И додека во Грција јасно му кажаа на Коѕијас каде му е местото, во Македонија го пречекавме преку аеродром и автопат, чии имиња ги сменивме само тој да не се нервира. Го тргнавме и споменикот на Александар Македонски од аеродромот, оти Коѕијас може да се налути.

А што добивме за возврат. Само што се врати во Грција, Коѕијас не нарече малo тукушто родено бебе, кое се уште го нема најдено својот идентитет. Крајно навредувачки како кон соседна земја во која живее народ со долгогодишен македонски идентитет и култура.

По средбата во Виена, како што повторно разбравме и тоа само од грчка страна, името било договорено, македонската страна прифатила, како што најави Заев претходно, име со географска одредница. Но, работите не застанаа тука. Се бара промена на уставот и „ерга омнес„. Нели стануваше збор само за промена на референцата. Дали тоа значи дека сега ќе дозволиме до крај да бидеме обезличени? Зошто дозволуваме Грција да не омаловажува бесконечно? Дали имаат такво право воопшто за тоа да разговараат нашите преговарачи?

Дали после сето ова, Коѕијас и на 12 април во Охрид ќе го пречекаме како Маршал на црвен тепих?! И дали тие нас кај нив би не пречекувале така?!

Наместо правење на постојани отстапки, потребно е да и покажеме на Грција, но и на светот, дека сме големи како земја и како народ и дека за нас идентитетот е аманет и света работа.

Исто така, достоинствено и гордо да покажеме дека ние сакаме да градиме добри односи со Грција, односи на почит и пријателство, но за возврат очекуваме ист пристап.

Да покажеме дека Македонија и македонскиот народ се на прво место и дека нема да прифатиме никакви уцени и сакаме само под такви околности да бидеме третирани од ЕУ и НАТО и само како такви да станеме нивни сојузници и партнери, што значи и никако да не прифаќаме предлози какви што сега ни се нудат од страна на Грција.

Оттука, Македонија треба да се води од принципот на градење на добри односи со сите. Да покаже дека е стабилен и кредибилен партнер. Да не подлегнува на притисоци, ниту да прави отстапки на своја штета.

Тоа е важно не само за нашата земја, туку и за регионот, бидејќи без стабилна Македонија, нема стабилен регион. Македонија е дел од регионалната политичка, економска, безбедносна слика и како таква е важна карика во регионот и пошироко.

Граѓаните очекуваа стабилна надворешна политика, но и реализирање на економските ветувања.

Сакаме членство во ЕУ и НАТО, но со достоинство, а не обезличени. Сакаме соживот, а не двојазичност. Сакаме пријатески односи со соседите, а не откажување од историјата, јазикот и еднострана корекција на учебниците.Сакаме просечна плата од 30.000 денари, а не наместо тоа да имаме понизок стандард. И на крај сакаме подобар живот, а не неизвесност за својата држава и тотален хаос.

Сега, се поставува прашањето, што после сето ова? Ни претстојат реформските закони од планот 3-6-9, кои без опозицијата е невозможно да се донесат. Сведоци сме дека од една страна се повикува опозицијата на соработка, а од друга страна перманентно се оддалечува од секаква соработка, при тоа на никој не му е јасно како мисли власта да продолжи со ваквата политика во најважниот период за Република Македонија, кога станува збор за ЕУ и НАТО.

Дали не е очигледно потребна техничка Влада за реализирање на реформските закони, кои се предуслов за исполнување на барањата на нашите сојузници и истовремено одбројување на последните 100 дена пред закажување на нови предвремени парламентарни избори.

Автор: проф. д-р Живко Јанкуловски, редовен универзитетски професор и претседател на ПОДЕМ

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.