петок, 25 ноември 2016  |  Вести денес: 66

Само уште грчката елита живее во Студената војна

121910859

Поврзани вести

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов вчера одржа предавање за студентите на еден од водечките американски универзитети, Јеил, во кое се осврна и на актуелната ситуацијата околу спорот за името со Грција. Претседателот Иванов пред студентите на вториот најголем универзитет во САД исцрта силен контраст меѓу, како што кажа, македонскиот модел на инклузија на сите ентички и верски заедници, и грчкиот модел.

– Прашањето е комплексно, но суштината е во различните светови кои се создаваат во умовите на луѓето. Грција е создадена како држава со една религија, една нација, еден јазик. Македонија е создадена како држава која ги почитува сите јазици, сите религии, сите етнички идентитети. На целиот Балкан сменија елитите и дојдоа нови елити, само во Грција се уште имаме елита од Студената војна. Се уште дел од политичките елити во Грција ја користат таа реторика,  иако кај населението пристапите се сосема поинакви. Затоа го имаме тој спор во Обединетите нации, каде ние сме единствена земја во историјата на ОН на која не и е дозволено да го оствори правото на самоидентификација, изјави претседателот Иванов, во своето предавање на Теолошкиот факултет на Универзитетот Јеил.

Говорот на Иванов на Јеил следуваше по средбата на грчкиот министер за надворешни работи на Грција Евангелос Венизелос со генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун во Њујорк. Венизелос преку соопштение порача дека Грција се уште бара Македонија да го смени името, вклучително и за домашна употреба.

– Поради проблемот на Грција со нашето име, која не дозволува ние да се нарекуваме Македонци и да бидеме Македонија, ние сме надвор и од НАТО и од Европската унија. Ние мораше да се снајдеме како да го поминеме овој период. Со радост можам да кажам дека денес Македонија има најбрзо растечка економија од целиот наш регион, се отвораат нови
работни места за младите кои не можат да чекаат години и години да се решаваат проблемите кои други ги наметнуваат. Нашиот економски успех придонесува младите да останат во Македонија, а нашите најуспешни поединци, живеат во Македонија, а работат за сетскиот пазар, додаде претседателот Иванов во своето предавање на Универзитетот Јеил, во градот Њу Хејвн во американската сојузна држава Конектикат.

Претседателот Иванов додаде дека, додека односите на политичко ниво се тешки, односите меѓу обичните граѓани од Македонија и од Грција се можеби најдобри од постоењето на двете држави, посочувајќи ја големата туристичка и економска размена. Според него, Македонија се надева дека младите од двете земји ќе соработуваат и ќе изнаоѓаат нови начини, барем иднината на двете земји да биде растеретена од товарот на
минатото.

Претседателот Иванов на Универзитетот Јеил одржа предавање за развојот на мултиетничкото општество во минатото на Балканот, во Византија и Отоманската Империја, и како тоа влијае врз денешниот модел на демократијата во Македонија.

– Мајка Тереза, родена во Скопје, на стотина метри од својата родна куќа, имала и католичка и православна црква, и џамија и синагога. Таа ги познавала сите религии во Македонија, и научила да ги почитува, да го почитува другиот, немоќниот, исромашниот. Ние не зборуваме за толеранција, се толерира нешто што е непријатно. Ние зборуваме за
меѓусебно почитување, заклучи претседателот Иванов.

МИА

Коментирај

* Нетпрес нема да објавува коментари кои содржат говор на омраза, кои дискриминираат по основ на родова, социјална, етничка припадност или сексуална определба, како и коментари кои повикуваат на етничко, верско, расно, национално или политичко насилство и нетолеранција.

Нема коментари.

Најчитани вести