Бомбаш на ИД се „саморазнесе“ за време на полициска акција

Петмина турски полицајци се повредени откако доцна синоќа кон нив напаѓач од Исламска држава отвори оган, по што го активираше експлозивот кој го имаше на себе, пренесува МИА.

Терористот го активирал појасот со експлозив, за време на напад на полициска единица за борба против тероризмот во стан во станбен блок во градот Газиентеп.

Според дел од медиумите, полициската истрага била поврзана со самоубиствените бомбашки напади во Анкара од 10-ти октомври кога беа убиени 102 лица, а стотици беа повредени.

Локалните власти соопштија дека терористот загинал на петтиот кат во блокот во Газиантеп. Две жени се приведени, а три деца биле предадени на социјалните служби. Полицијата запленила експлозиви и неколку парчиња автоматско оружје за време на претресот.

Претресот беше извршен неколку часови откако турски војници влегоа во судир со борци од „Исламска држава”, кои пукаа во нив во близина на Газиантеп. Четворица терористи беа убиени во престрелката на границата. Не е јасно дали двата инциденти се поврзани.

Во меѓувреме, претходно денеска, во Анкара уапсени се најмалку седум осомничени терористи, соопшти агенцијата Анадолија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.