Самсоненко ќе гради спортски објект во Градскиот парк

За околу 550.000 евра, фирмата „СИС Балкан ДОО Скопје“ ја купи парцелата на која се наоѓаат игралишта за тренинг на ФК „Вардар“ во Градскиот парк. Оваа компанја која е во сопственост на Сергеј Борисович Самсоненко и Ирина Владимировна Самсоненко, според Деталниот урбанистички план, на оваа локација треба да изгради објект за спорт и рекреација со приземје и кат.

Парцелата е отуѓена за 2.420 денари за метар квадратен на јавно наддавање на кое учествувала само оваа фирма. Од вкупната продажна сума, 40 отсто оди во  буџетот на општина Центар, 40 отсто во буџетот на градот Скопје и 20 отсто во дежавниот буџет.

Од општина Центар денеска обвинија дека продавањето на атрактивна парцела по 40 евра за квадрат е криминогено, а во интерес на општината е да се врати неизграденото градежно земјиште во владение на граѓаните.

Од  Министерството за транспорт и врски, пак, посочија дека секоја продажба на државно земјиште се изведува преку транспарентна постапка  и јавно наддавање согласно законските прописи.

„За разлика од минатото, кога градежното земјиште се продаваше со непосредна спогодба, со договори во четири очи, по багателна цена, како што е примерот со земјиштето за изградба на Рамстор, што претставува комерцијално деловен објект, кое беше продадено за 25 евра за 1м2, јавноста го памети тоа, Министерството за транспорт и врски спроведе јавна, транспарентна постапка за отуѓување на ова градежно земјиште, каде што за учество на јавно наддавање можеше да се пријави секое заинтересирано лице, при што земјиштето за изградба на спортски терени се продаде за цена од повеќе од половина милион евра“, велат од министертсвото, а воедно го повикаа градоначалникот на општина Центар јавно да поосчи доколку е прекршена законската процедура при продажба на ова градежното земјиште.

 

ФОТО: БИЛД.МК