Свет

нов кандидат за претседател на каталонија Санчез од притвор и официјално кандидат за претседател на Каталонија

Санчез од притвор и официјално кандидат за претседател на Каталонија

Претседателот на каталонскиот парламент во понеделникот го предложи Жорди Санчез, кој се наоѓа во притвор за претседател на оваа шпанска покраина откако тоа го одби отстранетиот од централната влада во Мадрид поранешен челник Карлес Пучдемон, објави парламентот во соопштение.

Педесет и двегодишниот Жорди Санчез има многу малку шанси навистина да стане претседател на Каталонија, бидејќи е во притвор за организирање на референдумот за независност забранет од Мадрид, како и поради поделбите во таборот на сецесионистите.

Санчез, претседател на организацијата Каталонско народно собрание (ANC) обвинет е за непослушност кон централната влада, поттикнување на бунт и за учество во организирањето на референдумот за независност од ланскиот 1-ви октомври и покрај забраната на шпанскиот Уставен суд.

Претседателот на каталонскиот парламент, исто така, приврзаник на независноста, Роже Торен, го предложи откако се советуваше со парламентарните групи, бидејќи тој има најголема поддршка, се наведува во соопштението на каталонскиот парламент. Притоа не е наведен датумот за можното именување на Санчез, кој се наоѓа во притвор близу Мадрид од 16-ти октомври.

Поранешниот претседател на автономистичката организација ANC треба да добие дозвола за излегување од притвор од судијата на Врховниот суд задолжен за истрагата против него, што веќе претходно им беше одбиено на другите притвореници.

Санчез важи за припадник на „тврдото јадро“ кое го водеше чекорењето кон прогласувањето на независна Каталонска република во покраинскиот парламент на 27-ми октомври.

Сепаратистичките партии имаат апсолутно мнозинство во каталонскиот парламент и по предвремените избори што ги распиша Мадрид по суспендирањето на автономијата на Каталонија. Но и доколку Жорди Санчез се кандидира, не е сигурно дека ќе ја добие довербата, бидејќи неговото именување го одбива крајната левица Кандидатурата на народното единство (CUP). За оваа должност се споменуваат и имињата на поранешниот портпарол на каталонската влада Жорди Туруља и на економистката Елза Артади, и двајцата блиски на Пучдемон.

Каталонија од 27-ми октомври е под директна управа на централана влада на Шпанија, а Мадрид најави дека оваа ситуација ќе остане сѐ додека регионалниот парламент не избере нов претседател, откако не овозможи да биде избран Пучдемон кој  е во егзил во Белгија затоа што му се заканува притвор во Шпанија.