Сандерс: Тимот ми е како Македонија во “Ризико”

Интересна ситуација се случи на пресот веднаш по натпреварот помеѓу Минесота и Голден Стејт, кој гостите го добија со убедливи 86:102.

Запрашан за поразите на својот тим, тренерот на Минесота, Флип Сандерс ситуацијата во екипата ја спореди со Македонија во популарната игра “Ризико”.

– Дали некогаш сте играле “Ризико”? Се чувствувам како Македонија во играта, имам само два тенка а опкружен сум со педесет непријателски тенкови. Токму поради тоа приморан сум четириесет и девет пати по ред да фрлам две шестки, што е невозможно, изјави Сандерс по натпреварот.

Минесота сезонава има големи проблеми бидејќи постојано се соочува со повреди на клучните играчи. На мечот против Голден Стејт, дури четворица од првата петорка не беа во можност да настапат поради повреди, а горе долу таква е ситуацијата од почетокот на сезоната.