Македонија

Санкции за матичните лекари ако не одат на едукација

Санкции за матичните лекари ако не одат на едукација

Матичните лекари ќе се соочат со санкции доколку не ја почитуваат законската обврска за одење на едукација како и полагање на тестови за проверка на знаењето, објавува здравство24.мк.

Ова е содржано во најновите измени на законот за медицински студии и континуирано стручно усовршување на докторите на медицина. Предлог законот поминал на владина седница на 22 јануари годинава.

Со предвидените измени, доколку избраниот лекар две години по ред не се јавува на едукација и не го положи тестот за проверка на знаењето стекнато на теоретскиот дел од обуката односно нема да обезбеди потврда за присуство на практичниот дел согласно Годишниот план за едукација на избраните лекари, ќе му биде раскинат договорот за лиценца за вршење на здравствена дејност во мрежата на здравствени установи и нема да може да склучи договор со ФЗОМ во времетрење од една година.

Исто така, матичниот лекар кој нема да се јави на едукација и да го положи тестот за проверка на знаењето стекнато на теоретскиот дел од обуката односно нема да обезбеди потврда за присуство на практичниот дел, согласно договорот склучен со Фондот  ќе му биде намален месечниот надоместок од ФЗОМ за 20%, во период од една година.

Санкциите следуваат откако едукацијата станува задолжителна обврска и за матичните лекари во државата.

Согласно последните измени на законот, министерот за здравство најдоцна до 1 декември тековната година донесува Годишен план за едукација на избраните лекари кој опфаќа најмалку 35% од нив. Истиот важи од 1 јануари следната година и е организиран и на товар на Министерството за здравство а акредитиран од страна на Лекарската комора. Истиот план е задолжителен за сите избрани лекари во мрежата на здравствени установи. Содржи обуки за упатствата за медицина заснована на докази, обуки за стекнување на вештини, обуки за користење и читање на ЕКГ, обуки за дефибрилација, реанимација и основно одржување во живот. Дел од обуките на избраните лекари задолжително ќе бидат спроведувани во здравствени установи на терциерно ниво каде што се третираат првите пет најчести причини (болести) за смртност во Република Македонија.

Обуката на избраните лекари се состои од теоретски и практичен дел. Теоретскиот дел  е во присуство на повеќе избрани лекари, трае најмалку четири часа и задолжително завршува со проверка на знаењето на избраните лекари со тест. Практичниот дел од обуката на избраните лекари се извршува со присуство на избраните лекари на третман на пациенти од страна на специјалист односно супспецијалист во здравствена установа. По завршувањето на практичниот дел од обуката што трае вкупно четири пати по четири часа, специјалистот односно супспецијалистот издава писмена потврда дека избраниот лекар присуствувал на практичниот дел од обуката. Обуката на избраните лекари по правило се одржува во викенд освен доколку избраниот лекар не побара обуката да се спроведува во работни денови.

Министерот за здравство овластува најмалку три лица од Министерството за здравство кои ја следат реализацијата на Годишниот план за едукација на избраните лекари и кои еднаш месечно му доставуваат извештај за следењето на реализацијата на едукацијата.