Санкциите и падот на цената на нафтата ја чинат Русија 140 милијарди долари

Падот на цените на суровата нафта ја чинат Русија околу 100 милијарди долари годишно, а економските санкции што ги воведе Западот, уште дополнителни 40 милијарди долари. Ова денеска во Москва го потврди, рускиот министер за финансии Антон Силуанов.

Во изјава дадена на меѓународниот економски и финански форум во рускиот главен град, Силуанов најави дека Русија би можела да го намали своето производство на нафта за околу 300 илјади барели дневно, за да ја поттикне раст на цената на енергенсот.

Падот на цената на нафтата предизвикува загриженост кај сите членки на ОПЕК, чии претставници оваа недела се среќаваат на итна седница во Виена.

Производителите на нафта како Иран, Либија и Венецуела, веќе најавија дека побарале скратување на дневното производство на енергенсот, додека Кувајт соопшти дека таквиот потег е „многу веројатен“.

Русија засега се уште нема донесено одлука за намалување на производството на нафта.

Рускиот претседател Владимир Путин вчера предупреди дека падот на цената на нафта ќе има „катастрофални поседици за сите“, како за производителите, така и за корисниците и за оние кои учествуваат во намалувањето на цената.

– Денешниот свет е толку меѓузависно поврзан што мерките кои се воведени против Русија, вклучувајќи ја и цената на нафтата, ќе претставуваат проблем за сите, изјави Путин.

САД и ЕУ воведоа санкции кон Русија по анексијата на Крим во март оваа година и по западните обвинувања за директно руско мешање во бунтот на проруските сепаратисти во источна Украина.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.