Свет

Санкциите против Москва му штетат и на Западот

Санкциите против Москва му штетат и на Западот

Западните санкции, што и се наметнати на Москва заради нејзината улога во украинската криза, и штетат како на руската економија, така и на западните економии, изјави денеска рускиот премиер, Дмитриј Медведев.

Санкциите им штетат на економиите и компаниите на земјите, кои ги наметнаа санкциите, исто толку колку што им штетат и на нашите компании и економија, посочи Медведев, кој денеска има интервју во живо за главните руски телевизиски канали.

– Руската економија од санкциите загуби неколку милијарди долари, европската 40 милијарди само во оваа година и 50 милијарди во иднина, дополни Медведев.

Западните санкции, наметнати на Русија, се простираат од замрзнување на сметки до забрана за испорака на странски капитал од руски компании.

Во одговор на санкциите Москва го замрзна увозот на некои видови храна од ЕУ.

Рускиот премиер подвлече дека финансиските пазари на Истокот не се затворени за Русија.

– Цената на нафтата и санкциите против Русија се одразуваат на курсот на рубљата, призна Медведев, цитиран од ТАСС.

Очигледно е дека врз курсот на рубљата влијаат и повеќе други фактори. Пред се, се разбира, цената на нафтата, дополни тој.

Според него, руската Централна банка и Владата треба да ги следат шпекулациите на монетарниот пазар и да донесат соодветни мерки. Според Медведев и шпекулациите се одразуваат врз вредноста на рубљата.

Рускиот премиер изјави дека и неговото штедење е во рубљи и дека и тој „е во истиот чамец со населението“.