Сараќини: Инвестициите од дијаспората се многу значајни за економскиот развој на земјата

Инвестициите од дијаспората се многу значајни за економскиот развој на земјата, истакна денеска министерот за економија, Ваљон Сараќини, кој што учествуваше на Конференцијата „Дијаспора Инвест“, која денеска се одржа на Универзтитетот на ЈИЕ.

Покрај Сараќини на конференцијата, организирана од Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ), свои обраќања имаа и градоначалничката на Општина Тетово Теута Арифи, претседателот на СКСЗМ Мендерес Кучи, а на дебатата беа присутни голем број експерти, бизнисмени од дијаспората кои веќе инвестирале во Македонија, претставници од академската јавност.

„Во последниов период правиме огромни напори, организираме бројни средби со дијаспората, посетивме многу од нашите исселеници во местата во кои живеат и работат и сега е моментот дијаспората да инвестира во конкретни проекти и на тој начин да се придонесе кон намалување на невработеноста. Наместо испраќање на парични дознаки на своите семејства, тие  директно и долгорочно ќе им помогнат на членовите на нивните семејства да отворат свои бизниси или да аплицираат на работните места кои се отвараат со секој нов проект“, рече Сараќини.

Според Сараќини, Македонија години наназад дава посебно значење на инвестиционите политики и на создавањето на поволна бизнис клима. Придобивките треба да бидат максимално искористени од бизнисмените од дијаспората, како што се слободните економски зони и поволностите кои ги нудат за инвестирање во нив, ниските даноци, макроекономската и фискалната стабилност, како и стабилниот банкарски систем.

„Во 2012 година вкупните приватни трансфери од странство изнесуваа една милијарда и 630 милиони евра или околу 20 отстоод БДП, а до октомври 2013 година изнесуваат околу една милијарда и 300 милиони евра. Со цел да ги поттикнеме бизнисмените од дијаспората паричните дознаки да ги заменат со инвестирање во конкретни проекти, ќе реализираме серија средби со потенцијалните инвеститори, на кои ќе им ги претставиме постојните законски можности за инвестирање во Македонија и ќе работиме во насока на креирање на политики кои ќе бидат поттикнувачки за нив и за нивни нови вложувања во државата“, порача Сараќини.

Според градоначалничката на Општина Тетово, Теута Арифи податоците говорат дека 400.000 граѓани се исселени од Република Македонија, што претставува 20 отсто од население, а над 12 отсто се од Полошкиот регион. Поради ова, Арифи иницираше отварање на канцеларија за дијаспората во рамки на Општина Тетово, во која ќе им бидат достапни сите потребни информации за инвестициските проекти.

Стопанската комора на Северозападна Македонија (CКСЗМ) ќе работи  кон овозможување на правна средина, со чел зголемување на инвестициите од  дијаспората,  изјави претседателот на оваа комора, Мендерес Кучи.

„CКСЗМ проведе темелна анализа на локалните бизниси во полошкиот регион, каде беа опфатени 50 компании, со која е анализирана нивната подготвеност и потреба да соработуваат со бизнисмени во дијаспората. Сепак, застапувањето и лобирањето не може да се направи во целост од страна само на CКСЗМ, и затоа ние ги повикуваме да се вклучат во процесот,  и сите други релевантни чинители, со цел успешно да лобираат кај Владата”, изјави Кучи.