Сараќини: Ќе бидеме немилосрдни кон концесионерите кои не ги почитуваат правата на вработените

Немилордни мерки на Владата кон сите инвеститори и концесионери, кои не ги почитуваат правата на вработените, рече денеска министерот за економија, Ваљон Сараќини, одговарајќи на новинарско прашање по средбата со Македонската асоцијација за рударство, по информацијата дека двајца рудари се повредени во рудникот Добрево во Пробиштип.

„Наша цел како Влада, во овој дел секогаш ќе бидеме немилосрдни и секогаш кога било кој правен субјект или инвеститор не ги почитува правата на вработените нема да останеме со скрстени раце и нема да останат неказнети“, рече Сараќини.

Тој нагласи дека за среќа рударите поминале со полесни повреди, но на терен веднаш се испратени вработени од Инспекторатот за техничка инспекција и труд.

„Министерството за економија даде налог денеска да се направат анализи и до крајот на денот да достават извештај да се провери причината, доколку причината е неисполнување на мерките или обврските дадени при последната инспекција на истиот рудник и доколку се утврди дека одговорноста е на процедурите на овој рудник веднаш како министер за економија ќе предложам на Владата да се одземе оваа концесија и да се затвори рудникот“, рече Сараќини.

Тој нагласи дека ќе се преземе оваа мерка, доколку е потребно, без оглед на последиците од економијата.