Македонија,Економија

Сараќини: Обезбедени 220.000 евра за обука на туристичките работници

Сараќини: Обезбедени 220.000 евра за обука на туристичките работници

Министерот за економија Ваљон Сараќини, денеска, со првата работилница за проектот „Поттикнување на одржливи врски и развој на кластери во туристичката индустрија во Македонија“,го означи стартот на проектот за обуки и тренинзи и изнаоѓање на поврзаноста помеѓу туризмот и останатите индустриски гранки, во организација на Секторот за туризам и угостителство при Министерството за економија и Организацијата за индустриски развој на Обединетите нации (УНИДО).

На работилницата  проектниот тим, предводен од координаторот на УНИДО проектот Аднан Сариќ, го претстави проектниот пристап, планот за имплементација на проектот и деталите околу идните активности, со цел  подобрување на конкурентноста и подобрување на пристапот до пазарот на кластерите во туристичкиот сектор во Македонија.

„Станува забор за проект кој е прв и единствен од ваков вид во државата, кој е обезбеден преку Словенечкиот билатерален проект за техничка помош од каде се одобрени 220.000 евра за период од 2 години, средства кои ќе ги менаџира УНИДО организацијата”, потенцираше Сараќини.

Овој проект претставува одговор на потребата на туристичкото стопанство да добие сознанија за подобрување на туристичката понуда во државата, а главниот фокус ќе биде ставен на подобрување на услугите на туристичките работници преку обуки и тренинзи.

„Обуки ќе има и за вработените во државната администрација, кои се одговорни за развојот на туризмот, како што се Секторот за туризам во Министерството за економија, како и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот”, информираше Сараќини додавајќи дека обуки се планирани и за вработените во локалните самоуправи, чии општини имаат капацитет за развој на туризмот, како и за туристичките стопанственици, кои се најдиректно инволвирани во работењето на туристичкиот сектор.

„Преку паралелно работење на трите најважни елементи поврзувањето, човечкиот капитал и туристичките производи на пазарот, очекуваме подобрување на пристапот на пазарот на туристичките кластери, нивно поврзување на ниво на држава, но и со сличните кластери во регионот, зајакнување на врската на туристичката со другите индустрии во државата, а со тоа и забрзан развој на туризмот и развој на економијата”, истакна Лела Крстевска, претседател на Туристичката комора на Македонија, додавајќи дека целта е да се зголеми квалитетот на туристичката понудата, но и да се прошири понудата во секторот туризам преку спа центри, велнес центри, руарален туризам и итн.

„Проектот што ќе го спровдуваме во текот на следните две години има за цел да ја подобри   конкурентноста и да го подобри пристапот до пазарот на кластерите во туристичкиот сектор во Република Македонија, а УНИДО во реализирање на овој проект кој што од денеска и официјално започнува, ќе соработува со сите релевантни институции со цел зајакнување на нивниот капацитет преку овие обуки за туристички работници“, информираше Аднан Сариќ.