Сараќини: Продолжуваме со реформите во насока на подобрување на бизнис климата

Министерот за економија, Ваљон Сараќини, оствари работна посета на Централниот регистар, а на средбата министерот и директорот Ванчо Костадиновски дискутираа за превземените мерки за олеснување на бизнис климата во земјава кои, главно, се внесени во законите за трговски друштва и за едношалтерски систем, согласно препораките на извештајот „Дуинг бизнис“ на Светска банка за подобрување на деловната клима.

„Денеска сум во редовна работна посета на Централниот регистар, при што со директорот разговаравме за реализацијата и имплементацијата на последните законски измени на Законот за трговски друштва и Законот за едношалтерски систем, но и за досегашните превземени мерки за подобрување на деловната клима во Република Македонија. Имено, последниот период се направени многу реформи преку Централниот регистар. Како што е веќе познато најважната реформа е олеснувањето на започнување на бизнис, поради што Светска банка ја рангираше Македонија прва во Европа и во Централна Азија и шеста во светот“, истакна министерот, додавајќи дека, покрај скратување на административните процедури, намалување на речиси сите трошоци, пред шест месеци воведени се регистрационите агенти, кои им помагаат на граѓаните да се регистрира фирма, брзо, лесно едноставно и што е најважно за нула денари.

Според Сараќини, од  досега регистрирани 6.300 фирми, 300 се регистрирани со регистрациони агенти, мерка со која државата се откажа од 250.000 евра потенцијален приход.

Целта од воведувањето на оваа реформа, според Сараќини, е да се мотивираат младите луѓе претприемачи, кои што имаат идеи, да регистрираат фирма под најповолни услови. Министерот информираше дека е продложен и законскиот рок за поднесување на годишните сметки од страна на трговските друштва. На барање на бизнис заедницата овозможено е годишните сметки за трговските друштва да се поднесуваат до 15 март, а исто така обезбеден е и правен основ, домашните и странски, физички и правни лица, дадениот заем да го трансформираат во влог во друштвото.

Директорот Костадиновски истакна дека ефектот од спроведувањето на овие мерки и реформи е јасен и видлив.Се овозможува полесно влегување во внатрешноста на Република Македонија, а сѐ со цел услугите кои ги нуди Централниот регистар да станат подостапни за сите правни и физички лица во државата.

„Но, со мерките и реформите за подобрување на деловната клима, не застануваме тука“, рече Сараќини, додавајќи дека од февруари, регистрацијата на фирми ќе се врши само по електронски пат, што значи дека се укинува хартиената регистрација или поднесување на документи на хартија.

Исто така, ќе продолжиме, рече Сараќини, со промовирање на активноста за елиминирање на потребата од задолжителната употреба на официјалниот печат на правните субјекти во правниот промет.

„А со цел заштита на субјектите и спречување на злоупотреба, ќе воведеме забрана за купување и располагање на удел во трговски друштва на лица кои должат по основ на неплатени даноци, придонеси и царини“, истакна Сараќини.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.