Македонија,Економија

Со интензивно темпо продолжуваат структурните реформи

Со интензивно темпо продолжуваат структурните реформи

Министерот за економија Ваљон Сараќини денеска присуствуваше на промоцијата на книгата на албанскиот академик, поранешен министер во Владата на Република Албанија и пратеник во албанскиот Парламент Анастас Анѓели – „Дневник на економската транзиција“, во скопската Општина Чаир.

Во своето поздравно обраќање пред присутните, министерот Сараќини ја истакна сериозноста на трудот кој, покрај тоа што е посветен на проблемите на албанската економска транзиција, се осврнува и на специфичните проблеми со кои се соочуваат и економиите на земјите од регионот.

„Економската соработка и нејзиното продлабочување се најдобар начин за интензивирање на интеграцијата на двете земји во Европската унија. Ние добро знаеме дека вистинскиот пат за излегување од продолжената транзиција, која ја поминува не само Албанија, туку и целиот наш регион, е патот на структурните реформи, главно, со економски карактер““, рече Сараќини.

Споменувајќи ги најглавните елементи на унапредената економска соработка меѓу двете земји, меѓу кои интензивирање на соработката во рамките на договорот ЦЕФТА, целосната либерализација на земјоделските производи, договорите од областа на туризмот, изградбата на далеководот од Елбасан-Битола, достапноста на пристаништето во Драч и за компаниите од Република Македонија, Сараќини изрази особено задоволство од интересот на албански компании за инвестирање во енергетиката, рударството, ИТ секторот.

„Како влада сме силно фокусирани на решавање на клучните економски проблеми преку структурни реформи, и во таа насока продолжуваме со несмалено темпо. Она на што ќе обрнеме посебно внимание во наредниот период е дивезификација на производството, поттикнување на мали и средни семејни фирми, зголемување на конкурентноста и иновативноста на МСП, намалување на енергетската зависност и поттикнување на извозот“, истакна Сараќини.

Структурните реофмри, според министерот за економија, се решение за сите земји од регионот, при што најголемо внимание треба да се посвети на зајакнувањето на конкурентноста на локалната економија, креирањето на нови производи, инвестирањето во иновации, наоѓањето на трети пазари и привлекувањето на регионални инвестиции, особено во делот на инфраструктурата.

„На овој начин ќе се зголеми извозот, ќе обезбедиме макроекономска стабилност, ниска инфлација, намалување на јавниот долг и стабилен девизен курс, цели кои се заеднички за сите земји во регионот“, потенцираше Сараќини на промоцијата на книгата „Дневник на економската транзиција“, од албанскиот академик, Анастас Анѓели, истакнат професор по финансии и економија, со особен придонес на полето на јавните финансии и структурните реформи во економијата.

Анѓели во периодот од 1991 до 2005 бил член на албанскиот парламент, но и министер за економија, за финанасии и за труд и социјална политика во подолг период за време на транзицијата. Член е на Академијата на науките и уметностите на Република Албанија од 2009 година.