Свет

Саркози на распит за кампањата од 2012-та година

Саркози на распит за кампањата од 2012-та година

Поранешниот француски претседател Николас Саркози денес беше изведен пред истражен судија за да одговара на прашања поврзани со скандалот за претерани трошоци за неговата неуспешна претседателска кампања во 2012-та година, пренесува „Танјуг“.

Саркози кој е потенцијален кандидат на Републиканците, односно на неговата десничарска опозициска партија на изборите за 2017-та година, одговараше за т.н. афера Бигмалион.

Тој повеќе пати оспори дека бил запознаен со двојното сметководство и лажните сметки во вредност од околу 18 милиони евра што ги издала комапнијата Бигмалион која се занимава со организација на настани. Тоа значи дека трошоците за неговата кампања биле двојно повисоки од законското ограничување.

Официјалната истрага поради финансиските прекршоци беше покрената против четворица истакнати функционери во кампањата, меѓу кои и за менаџерот и благајникот, а Саркози во книгата што ја објави минатиот месец напиша дека е тешко да се поверува, но дека вистината е оти незнаел ништо за кампањата додека не избил скандалот.

Истражните судии може да покренат истрага за Саркози или да го прогласат за сведок во овој случај.