Свет

Саркози пуштен од притвор и обвинет за нелегално финансирање на претседателската кампања

Саркози пуштен од притвор и обвинет за нелегално финансирање на претседателската кампања
© AP Photo / Francois Mori

Поранешниот француски претседател Николас Саркози е пуштен од притвор во средата откако иследниците го завршија неговиот распит во врска со илегалното финансирање на неговата претседателска кампања со либиски пари и против него е подигнато обвинение објави интернет изданието на дневниот весник Le Monde, а истовремено Саиф ал-Ислам, синот на егзекутираниот либиски лидер Моамер ел-Гадафи изјави дека е подготвен да сведочи против Саркози.

Иследниците во средата, втор ден по ред, го испрашуваа Николас Саркози, поради наводите дека некогашниот авторитарен либиски водач Моамер ел-Гадафи ја финансирал неговата предизборна кампања во 2007 година со либиски државни пари.

„Саркози е пуштен од притвор“, изјавил за агенцијата AFP извор запознаен со случајот,м но не појаснил какви ќе бидат натамошните чекори.

Претходно беше објавено дека Саркози со автомобил ја напуштил зградата на Службата за борба против корупцијата (OCLCIFF), во Нантер близу Париз, каде што сведочеше изминатите два дена и оти заминал дома.

„По два дена минати во притвор, поранешниот претседател на Републиката, Николас Саркози во средата, 21-ви март, е обвинет за водење на пасивна корупција, нелегално финансирање на изборна кампања и прикривање на либиски владини средства“, се наведува во информацијата на Le Monde.

Според телевизијата BMFTV, Саркози изјавил дека целосно ги отфрла обвинувањата. Тој и претходно повеќепати демантираше дека незаконски ја финансирал својата кампања и ги отфрли наводите за либиското финансирање како „гротескни“.

Во вторникот беше објавено дека поранешниот француски претседател и поранешен челник на конзервативната партија Републиканци е приведен во предградие на Париз во рамките на истрагата за можно либиско финансирање на неговата предизборна кампања во 2007 година.

Поранешниот министер и близок соработник на Саркози, Бри Ортефо, исто така, беше приведен на полициско сослушување во вторникот во врска со истата истрага.

Саркози беше претседател од 2007 до 2013 година, кога беше поразен од социјалистот Франсоа Оланд. На почетокот од својот претседателски мандат во 2007 година Николас Саркози во Париз во државна официјална посета го прими либискиот водач Моамер ел-Гадафи, кој во 2011 година беше соборен во револуцијата и егзекутиран од либиските бунтовници.

Правосудната истрага за овој случај започна во 2013 година откако интернет изданието Mediapart ги објави тврдењата на синот на Гадафи дека режимот во Триполи ја финансирал кампањата на Саркози со околу 50 милиони евра.

Во 2016 година истрагата го распрашуваше бизнисменот од француско-либиско потекло Зиад Такиедин. Тој тогаш раскажал дека кон крајот на 2006 и почетокот на 2007 година доставил од Либија во министерството за внатрешни работи на Франција, коешто тогаш го водеше Саркози, куфери со пари во износ од 5 милиони евра.

Во јануари годинава во Велика Британија беше уапсен француски бизнисмен Александр Жури, осомничен за префрлање пари од Гадафи на сметката на кампањата на Саркози, но беше ослободен со кауција по појавувањето пред судот во Лонон. Истрагата во Франција се сомнева дека Жури е една од главните фигури во случајот на можно либиско финансирање на кампањата на Саркози.

Информациите за наводното исплати на сметката на кампањата на Саркози први ги објавија пореволуционерните власти во Либија во почетокот на март 2011 година. Покрај тоа и синот на соборениот Гадафи, Сеиф ал-Ислам, во интервју за телевизискиот канал Euronews, побара тогашниот француски претседател Саркози да признае дека добивал пари од Либија. Подоцна, независни француски новинари започнаа сопствени истраги кои ги потврдуваат овие наводи. Самиот Саркози за сето време категорично ги отфрла сите вакви обвинувања.

Претходно во средата синот на Гадафи изјави дека е подготвен да обезбеди докази дека неговиот татко директно од илегални фондови ја финансирале претседателската кампања на Саркози, објави изданието Middle East Monitor. Според оваа информација, Саиф ал-Ислам Гадафи, бил сведок на првите испораки на пари на Клод Гуан, поранешен шеф на изборниот штаб на Саркози.