Саркози се враќа на политичка сцена

Враќањето на политичката сцена на поранешниот француски претседател Никола Саркози беше најавувано со недели, но сега тоа стана официјално, откако тој на својот профил на Фејсбук соопшти дека ќе биде кандидат за претседател на опозициската конзервативна Унија на народното движење (УМП), јави МИА.

– Јас сум кандидат за претседател на моето политичко семејство. Ќе предложам трансформација од подрумот до таванот, на начин кој ќе овозможи за три месеци да се создадат услови за ново широко обединување кое ќе ги опфати сите Французи, без разлика на нивната припадност, надминувајќи ги традиционалните поделби кои не се совпаѓаат со реалноста денес – напиша Саркози.

Повеќе детали за неговата кандидатура Саркози ќе даде во телевизиското интервју вечерва во 20 часот на вториот национален канал, Франс 2.

Внатрешната кампања за избор на претседател на УМП завршува на 29 ноември, кога 260.000 членови на партијата треба да гласаат. Дотогаш Никола Саркози ќе биде во предизборна кампања ширум Франција.

Враќањето на Саркози на политичката сцена нема да биде лесно, бидејќи во УМП има многу противници, посебно меѓу водечките личности, како градоначалникот на Бордо Алан Жипе.