Саудиска Арабија по 35 години дозволи отворање киносали

Саудиска Арабија ќе дозволи отворање киносали од почетокот на 2018 година, укинувајќи ја забраната за такви места за забава која на сила е повеќе од 35 години, објави во понеделникот тамошното министерство за култура.

Властите веќе започнале да издаваат дозволи за работа, според истите извори.

„Тоа е клучен момнет во развојот на културната економија во земјата“, изјави саудискиот министер за култура Авад ал-Авад во соопштение.

Во рамките на амбициозниот план за економски и оптшествени реформи коишто ги поддржува престолонаследникот Мухамед бин Салман, владата се обидува да промовира разни форми за забава, како концерти, приредби, киносали, во монархијата којашто го практикува ригидниот облик на вехабитскиот ислам и покрај силното спротиставување на ултраконзервативните кругови.

Во јануари муфтијата на Саудиска Арабија се побуни против можното отворање на киносалите, тврдејќи дека тие би претставувале извори на „изопаченоста“.

Иако киносалите беа забранети, саудиската кинематографија малку по малку станува меѓународно признаена. Романтичната комедија „Barakah Meets Barakah“ на режисерот Махмуд Сабах беше прикажана на Берлиналето, додека „Wadjda“ на Хаифа ал-Мансур во 2013 година стана првиот национален филм кој учествуваше во трката за Оскар за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје.

Меѓу другите општествени реформи, Ријад во септември објави дека ја укинува забраната за управување возила за жените, што ќе биде можно од јуни 2018 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.