Саудиска Арабија се заканува со воена акција на Катар

Саудискиот крал Салман се закани со воена акција ако Катар инсталира руски систем за воздушна одбрана, а помош во зачувувањето на мирот во регионот побара од францускиот претседател Емануел Макрон, пишува денеска париски „Ле монд“.

Катар и Русија потпишаа договор за воена и техничка соработка минатата година, а амбасадорот на Катар во Москва во јануари рече дека неговата земја преговара за купување на руски ракетни одбранбени системи С-400, потсетува Ројтерс.

„Ле Монд“ пишува дека саудискиот крал напишал писмо до Макрон, изразувајќи длабока загриженост во врска со преговорите помеѓу Доха и Москва, како и можноста Катар да распореди ракети.

Царството ќе биде подготвено да ги преземе сите неопходни мерки за отстранување на овој систем на одбраната, вклучувајќи и воена акција- се вели во неодамнешното писмо на Салман до Макрон.

Салман побарал помош од Макрон да ја спречи продажбата на ракети и да го зачува мирот во регионот,.

Инаку, Саудиска Арабија, Египет, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати минатата година ги прекинаа дипломатските и економските врски со Катар, обвинувајќи ја Доха дека го поддржува тероризмот, што катарските власти го негираат.