Саудиска Арабија соборила проектил од Јемен

Јеменските бунтовници од шиитската заедница Хути истрелале балистички проектил врз кралската палата ал-Јамама во Ријад, објави во вторникот нивната телевизиска станица al-Masirah, а саудиските медиуми подоцна известија дека ракетата е соборена и дека притоа немало жртви.

Портпаролот на Хутите изјавил дека балистичкиот проектил ја гаѓал кралската палата ал-Јамам, во којашто во тој момент се одржувал состанок на саудиските челници.

Коалицијата на сунитските земји коишто ги предводи Саудиска Арабија објави дека соборила ракета јужно од главниот град Ријад, пренесе телевизиската станица Al Arabiya.

„Коалициските сили потврдуваат дека пресретнале иранско-хутиски проектил кој го гаѓал јужен Ријад. Засега нема евидентирани жртви“, објави саудискиот Центар за меѓународна комуникација на Twitter.

Нападот е изведен за да се одбележат 1.000 денови откако саудиската коалиција ги започна воздушните напади врз Хутите во соседен Јемен, изјави бунтовничкиот водач Али Ал-Чакум.

Изведен е неколку часа пред закажаниот термин на кој Саудиска Арабија ќе го објави годишниот буџет, на прес-конференција, на којашто беше најавено присуството на важни министри.

Саудиска Арабија минатиот месец пресретна два балистички проектила лансирани од Јемен, еден кај меѓународниот аеродром крај Ријад, а другиот кон југозападната погранична покраина Асир.

Саудиската коалиција поради тоа воведе блокада на Јемен за да запре испораки на оружје за Хутите, како што тврди Ријад, од Иран. Блокадата подоцна постепено беше ублажена.