Саудиски дипломати обвинети за финансирање на подготовките за нападите од 11-ти септември

Амбасадата на Саудиска Арабија во 1999 година ја финансирала пробата за терористичките напади во САД извршени на 11-ти септември 2001 година, се обвинува во колективната тужба којашто е поднесена во федералниот суд во њујоршкиот регион Менхетен од семејствата на околу 1.400 жртви на трагедијата, објави во саботата весникот The New York Post.

Во тужбеното барање кое се повикува на документ на американското Федерално биро за истраги (FBI) се наведува дека во ноември 1999 година двајца саудиски државјани Мохамед ал-Кудхаејун и Хамдан ал-Шалави, купиле билети за летот на воздухопловната компанија „America West“ од Феникс, во сојузната држава Аризона, до Вашингтон, и во текот на летот неколкупати се обиделе да влезат во пилотската кабина. Тие имале задача, без да се откриваат, да го проверат безбедносниот систем на домашните летови во САД, се наведува во написот кој се повикува на споменатиот извештај.

Тужителите сметаат дека овие лица, кои престојувале во САД како студенти, всушност биле „дел од мрежата агенти на монархијата“. Тие минувале обука во тајни терористички кампови во Авганистан истовремено со низа извршители на терористичките напади од 11-ти септември, а во Аризона контактирале со еден од идните киднапери, како и со доверливо лице од мрежата на Осама бин Ладен, кое во моментов е во специјалниот затвор во американската воена база Гвантанамо во истоимениот кубански залив.

„Одамна инсистираме дека меѓу Ал Каеда и религиозните елементи во владата на Саудиска Арабија постоеле долги и блиски односи. Обезбедивме дополнителни докази во прилог на овој заклучок“, го цитира весникот главниот адвокат на тужителите Шон Картер. Тој и неговите колеги се убедени дека пробите за терористичките напади биле финансирани од дипломати на Саудиска Арабија во Вашингтон.

Во септември минатата 2016 година американскиот Конгрес, пренебрегнувајќи го ветото наложено од тогашниот претседател Барак Обама, го поддржа законот кој им овозможува на семејствата на жртвите од терористичките напади од 11-ти септември 2001 година да поднесуваат тужби против Саудиска Арабија. Во САД претходно повеќепати беше предлагано дека властите на сунитската монархија од Персискиот залив која го преферира ригидното вехабистичко практикување на исламот, ги толерирале активностите на Ал Каеда, па дури и оти можеле да имаат контакти со оваа групација, а со тоа понесуваат и дел од одговорноста за терористичките напади од 2001-та. Ријад негираше каква и да е своја инволвираност, а исто така се закани дека ќе ги распродаде своите активи во САД во износ од стотици милијарди долари кои би можеле да дојдат на пример во посед на Кина, за да се спречи апсење на нејзини политичари и дипломати доколку американските судови донесат соодветни одлуки по тужбите на американските државјани.

На 11-ти септември 2001 година 19 терористи од мрежата Ал Каеда киднапираа четири патнички авиони во САД. Два од нив удрија во кулите „близначки“ на Светскиот трговски центар, дотогаш највисоките згради во Њујорк. Третиот авион терористите го насочија во зградата на Пентагон во предградие на Вашингтон, додека четвртиот исто така насочен кон американската престолнина, се урна близу градот Шанксвил во сојузната држава Пенсилванија, според официјалните верзии по обидот на патниците да ги совладаат киднаперите во пилотската кабина, а според некои теории соборен од американски борбени авион. Вкупно во овие терористички напади убиени се 2.977 луѓе.