Саутемптон и Челзи во полуфиналето од ФА купот

Фудбалерите на премиерлигашите Саутемптон и Челзи во неделата го изборија полуфиналето во најстарото фудбалско натпреварување во светот, англискиот ФА куп со победите над Виган односно Лестер.

Саутемптон, кој се бори за опстанок во Премиер лигата, во четврфиналето го елиминираше третолигашот Виган победувајќи го на гости со 2:0, со головите на Хојбјерг во 62 и Седрик Соареш во 90 минута. Интересно е што Виган во 2013 година победи во ФА купот, но истата сезона испадна од Премиер лигата.

Челзи, исто така, на гости кај Лестер славеше со 2:1. Гостите од Лондон поведоа со голот на Мората во 42 минута, а „Лисиците“ изедначија во 76 минута преку Џејми Варди, Натпреварот отиде во продолженија, а во 105 минута Педро Родригез му ја донесе победата на Челзи.

Во саботата полуфинале изборите и Манчестер Јунејтед кој дома го совлада Брајтон со 2:0, и Тотенхем кој на гости го порази Свонси Сити со 3:0.

Манчестер Јунајтед ќе се соочи со Тотенхем, а Челзи со Саутемптон во полуфиналето.