Савова: Одбивам да бидам на листата каде е канцерот на СДСМ

Значи сама се повлеков, а и да ме поканите на листата на Заев и Шекеринска ќе ви се заблагодарам на довербата, бидејќи одбивам да бидам на листа на екипа која е канцерот на СДСМ (цитирам изјава за вас на успешен министер од времето кога СДСМ победуваше). Ова е дел од статусот што на социјалната мрежа Фејсбук претпладнево го објави пратеничката Наташа Савова. Таа го напишала најверојатно како реакција на текстот објавен во денешен Дневник со наслов Савова, Макрадули, Бендевска и Станковиќ не се на листата на Заев, зашто го постирала и самиот текст, пренесува „е-Вести.мк“.

Подолу во постот им порачува на сопратијците: Продолжете да се натпреварувате со ВМРО кој повеќе станови купил и градежно земјиште поделил.

savova-post-500

Еве дел и од текстот на Дневник:

Актуелната заменичка на Зоран Заев, Радмила Шекеринска и генералниот секретар на СДСМ Оливер Спасовски сигурно е дека ќе добијат нова шанса за останување во пратеничките клупи по с` поизвесните предвремени парламентарни избори напролет. Двајцата блиски соработници на Заев поради довербата која тој ја има во нив како актуелно раководство се очекува да се најдат на пратеничките листи на СДСМ на следниот изборен циклус. Заедно со нив, нов мандат, како што дознаваме од висок партиски извор, веројатно ќе добијат само блиските соработници на партискиот лидер, односно оние што без приговори ја спроведуваат политиката на СДСМ. Во оваа група за нова шанса од Заев се споменуваат и координаторот на пратеничката група Игор Ивановски, актуелниот прв човек на Kомисијата за финансирање и буџет Маријанчо Николов, како и Менде Диневски, кој беше кандидат на СДСМ за градоначалник на Битола на последните локални избори. Сите членови на партијата, како што вели изворот од СДСМ, важат за блиски до Заев и токму поради тоа, претседателот на партијата ќе одлучи да ги задржи и на новите листи.

Од СДСМ брифираат дека во оваа група која би требало да го помине партискиот филтер може да се најде и пратеничката Цветанка Иванова.

Макрадули, Савова и Петров – надвор од игра

Извор од СДСМ неодамна неофицијално потврди дека се очекува на следните парламентарни избори партијата да добие сосема нов пратенички состав. Ниту еден пратеник кој важи за близок до поранешното раководство на социјалдемократите, односно до екслидерот Бранко Црвенковски, како што се коментира на „Бихаќска“, нема да добие нов мандат во парламентот. Со тоа, листите во сите изборни единици ќе добијат сосема нов изглед.

„Целта е да се добие послушна пратеничка група. Со тоа се остава впечаток дека квалитетот како пратеник тука и не врши голема улога“, изјави неодамна соговорник од СДСМ.