СБ: Преземените реформи даваат резултати, отвораат работни места и ја зголемуваат продуктивноста

Реформите што ги презема Македонија покажуваат резултати во отворање на нови работни места и зголемување на продуктувноста, беше истакнато денеска пред промоцијата на новиот извештај на Светска банка (СБ) „Назад на работа: Раст со работни места во Европа и централна Азија.

„Економскиот развој и креирањето работни места бараат мултисекторски пристап за што Владата во изминатиот период спроведе голем број реформи за подобрување на бизнис климата и конкурентноста и зголемување на инвестициите. Се пристапи во зголемување на ефикасноста на регулативата за работни односи, подобрување на образовниот систем и човековите ресурси согласно потребите на пазарот на труд надополнети со активните политики за вработување“, рече денеска министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов,

Тој нагласи дека сите овие мерки заедно со зајакнатите капацитетите на институциите се создадоа ефикасни служби на пазарот на трудот и се обезбеди поголема флексибилност на работни места со што се создадоа подобри услови за отворање нови работни места.

„Македонија направи најголеми напори во спроведување на реформи за подобрување на институциите и регулативата со кои што му се овозможува на приватниот сектор да се развива и да креира нови работни места“, истакна денеска Омар Ариас, секторски менаџер при Светска банка.

Tој смета дека е потребно време за да може овие реформи да дадат резултати, но она што го потенцираше е дека благодарение на истите за прв пат по две децении се забележува намалување на невработеноста под границата од 30 отсто.

„Доколку се задржи темпото на реформите, за кратко време, ќе видиме подобрување на вработеноста“, истакна Ариас, кој нагласи дека е неопходна поддршка од Владата за реализација на овие процеси.

Како три главни столба, најгласи тој, за развој на овие процеси  е олеснување при отворање, но и при затворање на фирмите; подобрување на вештините на работниците и како трет аспект нивната мотивираност.

Во извештајот, кој што ги опфаќа земјите од Европа и Централна Азија, се истакнува дека создавање на работни места беше бавно дури и во годините пред кризата, кога регионот бележеше раст поголем отколку во многу други растечки економии. Кога станува збор за Македонија, кризата помалку го погоди нивото на вработеност, а тоа неодамна и се подобро бидејќи невработеноста се спушти под психолошката граница од 30 отсто.