Македонија

Сценариото на Заев целосно срушено со признанијата на соработниците

Сценариото на Заев целосно срушено со признанијата на соработниците

Сценариото на Зоран Заев се руши. Лидерот на СДСМ продолжува да се заканува и манипулира и да гради нереална слика во јавноста иако истата е свесна дека неговото сценарио се руши, а вистината излегува на виделина, објави Курир.

Сведоштвата и признанијата на двајцата соработници на Заев и Верушевски јасно и недвосмислено укажуваат на фактот дека шемата која со конструкции ја градеше Заев е разобличена. Токму во своите сведоштва соработниците признаваат дека биле дел од агентурната мрежа и дека по налог на разузнавачот Верушевски, без никој друг да знае, прислушувале телефони и го вршеле снимањето.

Во сведоштвата тие кажуваат дека биле ангажирани од Верушевски кој им ги давал броевите кои биле предмет на прислушување, тие ги внесувале броевите во системот, а потоа материјалите му ги давале на наредбодавателот Верушевски за што биле богато финансиски наградувани.

По извршените претреси во домовите и други простории на соработниците на Верушевски и Заев, надлежните институции објавија дека кај нив се пронајдени илјадници CD и DVD, како и разни касети со видео и аудио материјал. Дополнително пронајдени биле и 9 штедни книшки од повеќе банки со штедни влогови со над 55.000 евра, но и околу 600 акции.

Верушевски бил во тесна соработка со Заев на кого и му ги предавал материјалите на остварените средби за кои потврда даде и самиот лидер на СДСМ преку писма и во неколку дадени интервјуа.

Докторандот на Правниот факултет, Тимчо Муцунски вели дека во оваа ситуација има правосилна судска пресуда која кажува кој го вршел снимањето и за какви цели го вршел.

-Сметам дека со таа пресуда веќе сите тие спорни прашања, веќе не се толку спорни. Многу е важно да разбереме дека во вакви моменти потребна е поголема зрелост, разум, почитување на интегритетот на демократскиот систем и оттука потребно е да им дозволиме на институциите на системот во една транспарентна постапка да го разрешат ова прашање. Интересно беше што лидерот на опозицијата покажа голема доверба во судството. Тој кажа дека обвинителите и судиите сите се професионални и согласно таа негова изјава време е да им дозволиме на тие професионалци во рамките на една транспарентна постапка да го разрешат ова прашање, посочува Муцунски.

Заев продолжува да одработува за интересот на странските служби објавувајќи тези чие сценарио го срушија неговите соработниици кои пред надлежниот суд признаа какви работи извршувале во тајност, а кои се објавени во пресудата на едно од лицата на кое му е изречена и затворска казна во времетраење од три години. Како да е во нереален свет, Заев ја потценува јавноста и упорно се обидува да гради нереална слика, за која се докажа дека не е така.