Шчербак: Македонија се вовлекува во НАТО

Рускиот амбасадор во Македонија Олег Шчербак на прес-конференцијата во петокот во Скопје во врска со одлуката на македонските власти да протераат руски дипломат солидаризарајќи се со Велика Британија во врска со „случајот Скрипал“ рече дека ќе иде грешка доколку земјата стане членка на НАТО.

„Беше изразена нашата загриженост од плановите за вовлекување на Република Македонија во НАТО и беше забележано за негативни последици по регионалната безбедност и нашите билатерални односи. Во овој наш став нема ништо ново. Овој став им беше изнесен повеќепати на нашите македонски колеги, и јас како амбасадор повеќепати го изнесував овој став досега“, вели Шчербак одговарајќи на новинарско прашање врска со реакциите на руското министерство за надворешни работи.

„Пропагандастички и фејк се оцените дека тоа биле закани кон Македонија“, додаде рускиот амбасадор оценувајќи дека НАТО во моментов е единствениот воен сојуз во кој членството има политички импликации и носи обврски, но оти во вистинска смисла не ги заштитува членките од конфликти посочувајќи го како пример судирот меѓу Турција и Грција кој заврши со поделба на Кипар.

Русија останува на ставот дека Македонија не треба да стане членка на НАТО, а позицијата на Москва по ова прашање Шчербак долго ја објаснуваше на прес-конференцијата. Меѓу другото, тој аргументира дека „НАТО е остаток од Студената војна“, кој на Македонија нема да ѝ донесе зголемена безбедност и сигурност. Напротив, Шчербак вели дека во случај на воен конфликт, Македонија ќе стане легитимна цел за напад од страна на Русија.

„Вие како одговорни граѓани на својата земја треба да размислите за тоа дека по зачленувањето во НАТО земјата ќе стане дел од воената машинерија и доколку се случи агресија против Русија вие ќе бидете цел на возвратен удар. Дали тоа ви треба вам и на вашите деца?“, праша Шчербак.

Изјавата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски дека Москва не е партнер на Македонија, туку САД и ЕУ, според Шчербак ја одразува „недоследната политика на дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ и доведе до тоа ВМРО-ДПМНЕ да ја изгуби власта“.

„Од друга страна, јас познавам многу членови на оваа партија и знам дека се расположени за развој на конструктивни и партнерски односи со Русија“, рече Шчербак.