СДСМ бара филозоф!

СДСМ бара филозоф! На чекор до изборите, на најголемата опозициона партија во Македонија и дошло до филозоф. Се друго им е стокмено. Без изборна стратегија и тотално разногласие во партијата, СДСМ преку Агенција за вработување бара стручен соработник кој треба да е филозоф, а се бара и раководител на протокол, пишува весникот „Вечер“.

На сајтот на Агенцијата за вработување во петокот е објавен оглас за вработување на еден филозоф, кој партијата ќе го ангажира за плата од 20.000 денари. Работното место е новоотворено, односно во превод СДСМ до сега немале ваков калибар на стручен соработник.

Филозофот на “Бихаќка” треба да биде ангажиран 40 работни саати неделно, односно секој работен ден од 9 до 17 часот. Но она што е најинтересно е што полињата за потребните квалификации на огласот се празни, не предвидуваат заинтересираните кандидати да имаат работно искуство, ниту соодветно образование. Небитно. Битно е само да е филозоф!

Заинтересираните кои ќе сакаат “да филозофираат” во СДСМ можат да се пријавуваат до утре.
Во меѓувреме, во најголемата опозициска партија празна остана позицијата шеф на протокол, која според огласот “ветува” плата од 23.070 денари. И за оваа позиција СДСМ во огласот нема наведено кои услови треба да ги исполнува кандидатот за да го добие работното место.

Иако до почетокот на предизборната кампања останува уште еден месец, во СДСМ досега се без стратегија за изборната трка. Како раштиман оркестар – членството едвај се договори Оливер Спасовски да биде шеф на изборниот штаб, а од договор за партиски кандидат за шеф на државата нема абер.

Стевчо Јакимовски, поранешен истакнат функционер во СДСМ кој ја напушти партијата непосредно пред локалните избори минатата година, ги повика поранешните сопартијци да го поддржат кандидатот за претседател на неговата партија ГРОМ, бидејќи, како што истакна, СДСМ не може да понуди сопствен кандидат.