СДСМ: Безусловната препорака за преговори е признание за успешните реформи

Неусловената препорака за почеток на преговорите за полноправно членство во Европската Унија што Македонија ја доби од Европската Комисија е потврда за успешноста на реформскиот процес што Владата предводена од СДСМ го води во последните 10 месеци, вели владејачката партија преку соопштение.

Според СДСМ, Македонија после две условени препораки повеќе не е категоризирана како заробена држава, туку како држава која преку започнатите реформи повторно се враќа онаму каде што и вредносно и цивилизациски припаѓа – во друштво на модерните, напредни и развиени европски држави.

„Позитивниот извештај на Европската Комисија и дадената препорака за членство претставува дополнителен импулс во натамошното спроведување на зацртаните реформи, на мерките за подобар живот, во интерес на Македонија и нејзините граѓани. Владата предводена од СДСМ и парламентарното мнозинство продолжуваат да ги спроведуваат зацртаните мерки коишто обезбедуваат економски раст, независни институции и владеење на правото и остануваат силно посветени на евроинтегративниот процес на државата којшто е врвен државен и национален интерес. Македонија продолжува да се гради како слободна, напредна, демократска и земја пријател на соседите и Европа“, соопштува СДСМ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.