СДСМ ги користи амандманите за да ја блокира работата на Комисијата за образование

Однесувањето на пратениците од Пратеничката група на СДСМ во Собранието се повеќе наликува на истото она сценарио кое што СДСМ го спроведе во декември 2012 кога се обиде да го блокира донесување на Буџетот за 2013 година.

Исто како и тогаш, така и овој пат СДСМ во недостиг на креативност и логични аргументи се спротивставува на основањето на новиот Универзитет за национална одбрана, безбедност и мир „Дамјан Груев“. Откако поднесоа околу 1.000 безсмислени амандмани кои немаат никакво суштинско значење и бидејќи амандманската расправа ќе се одвива до недоглед, СДСМ ја блокира Комисијата за образование, наука и спорт односно носењето на Законот за основање на универзитет за национална одбрана, безбедност и мир.

Во сценариото за блокирање на работата на комисијата СДСМ повторно се служи со истите алатки односно со закани и навреди кон пратениците од мнозинството со цел да создадат проблеми и хаос во Собранието, да предизвикаат физички контакт помеѓу пратениците, како и да креираат нова криза која што подоцна би требало да ескалира и надвор од Собранието на Република Македонија.

СДСМ за да ја блокира и не дозволи нормално да функционира Комисијата за образование, наука и спорт се служат со повеќечасовни насилени процедурални дискусии кои имаат за цел да го одолговлечат и спречат почетокот на амандманската расправа по овој закон.

Преку вербалниот напад кои што пратениците на СДСМ го извршија кон претседателката на Комисијата Олга Најденовска, повторно демонстрираа грубо непочитување на институцијата Собрание на Република Македонија и пратениците во целост.

Пратениците од Пратеничката група на СДСМ ниту еднаш досега не се изјаснија зошто се против основање на универзитет кој што треба да произведува и обучува кадри кои што ќе се занимаваат со националната одбрана, безбедноста и мирот во Република Македонија, туку напротив, како и во многу наврати досега, СДСМ се противи на сите позитивни проекти кои што се во корист на граѓаните и државата. Со оглед на поднесените околу 1000 безсмислени амандмани, очигледно за СДСМ не е важно основањето на ваков значаен универзитет, туку единствената цел е блокирање на процесите во Собранието и предизвикување на нова криза која би требало да даде алиби за неучествувањето на СДСМ на престојните предвремени парламентарни избори во април оваа година.