СДСМ ги загуби идните парламентарни избори

Ова не е вест на некој полуписмен новинар-курсист на фондацијата „Сорос“. Ова е јасен и прецизен исход што го предвидоа двајца „независни експерти“, кои во телевизиско гостување ги изнесоа своите „стручни“ стојалишта на темата ќе има ли предвремени парламентарни избори барабар со претседателските

„Либерализација на медиумите, ма немој!“, ќе воскликне во Собранието пратеникот и познат „либертаријанец“ Емилијан Станковиќ при донесувањето на законот за медиуми и електронски комуникации. Тој ич не се стеснуваше во жарот на дискусијата да објасни како тој ја дефинира, разбира и доживува слободата на и во медиумите. На пример, воопшто не го застрашува фактот дека под притисок, уцени и закани на Брисел и на Вашингтон електронските медиуми што ги финансираат западностранските влади, за чии интереси се произведуваат бројлер-револуции, се изземени од законска контрола на земјата предвидена за курбан. Или токму охрабрен од „победата“ со помош на странска интервенција ѝ порача на сегашната власт да му ја мисли кога ќе стане опозиција, зашто тогаш ќе нафрка од новинарите што сега ги притиска. Нема да ѝ кревале телефони! Ќе ја игнорирале, онака, тотално либертаријански.

Е сега, предвреме да си прашам јас како Емилијан предвреме знае како ќе реагираат новинарите на вакви „непристојни“ телефонски повици на идната опозиција? Од искуство ли зборува тој? Нему ли не му креваат слушалка како одмазда за тоа што ги притискал кога бил власт? Или стратегијата е токму обратна. Сега, пред избори, никој од СДСМ-таборот да не прифаќа дебати, да дава изјави, да се појавува пред јавност за да се „појача“ впечатокот дека медиумите не им креваат телефони, а кога тој ќе стане власт, да дави со свилен гајтан, тивко, во полуцрн мрак во некоја идна лилава година и далеку од ушите на Дуња Мијатовиќ, што е позната практика на оваа демократизаторска групировка.

Емилијан, кој е првоборец во војната на принципи што се водела по повод слободата на медиумите, како да сакаше веднаш да појасни и дека кога неговата партија пак ќе стане власт, ќе го активира својот фамозен принцип на слобода што ни остана во сеќавање кога сегашниов премиер Никола Груевски молеше по телефон уредници на А1, фаќаше врски кај Александар Чомовски, да го пуштат да се обрати, иако вестите на оваа куќа на слободата со денови се емитираа од пред Владата. Штом Емилијан го истакна предлогот во регулаторната комисија на државата Македонија како професионални, независни и кредибилни да се најдат претставниците на невладиниот „цивилен“ сектор, кој е платен, да не речам секојдневно кеширан со пари од странски влади, според мене оваа тековна војна за лов на човечки души, односно за пропагандна окупација на Македонија, мора да се третира како агресија. Од агресија се браните со мобилизација до коска. Инаку завршувате како плен на стрвинари.

Искрено, многу сум разочарана што во Македонија на политичката сцена бесрамно парадираат вакви инфантилни „полутани“ на кои народот им обезбедува или плата или едногодишна издржавка. Таквите редовно учествуваат во валкани подготовки за украинизирање на државите. Ви препорачувам задлабочено да следите како се развива „револуционерниот“ залет во Украина оти нема да биде последен на европска почва. Гледајте и учете од сите актуелни случувања во кои „либерализаторите“ на планетава им расплакуваат мајка на народи и држави што се пикирани за плен во тековната прераспределба на моќта, и тоа во војна што веќе ја загубиле со сто наспрема нула, што би рекла Шеќеринска.

Патем, слушам во оваа лилава година, според визиите на либертаријанскиот пророк Ружин, Македонија можеби ќе оди пак на предвремени парламентарни избори. За да нема веќе нејаснотии, кои зад себе ги оставаат пророците со својот загадочен говор, во медиумите омилени гости се јасновидците. Некои уште ги нарекуваат експерти. Иако јас одамна попрецизно ги дефинирам како експертутки. Е таквите, кога ќе почнат да ви појаснуваат, дури тогаш нема да знаете ништо за што било. Значи, на просто прашање дали ќе има или не предвремени избори, двајца експерти во 24 часа ТВ одговараат дека им мирисало на избори!? Ама конечен одговор немало (автор на „ставот“ е Пеѓо Арсовски), што ќе рече на ова прашање следува „мож да будне ал не мора да значи“ експертски одговор. Па, уште било неблагодарно да се прогнозира, зашто можело да се случи брзо да биде демантиран (автор на експертизата за ставот на ДУИ по истото прашање, Ибрахим Мехмети). Обајцата јасновидци го „делат“ консензусно и вредносниот став дека „е непродуктивно да се зборува, наивно е да се верува дека проблемот за името на Македонија ќе биде и овој пат изборна приказна на партиите, особено што не се работи за лесен проблем што го креираше знаеме кој“.

Ви верувам дека и вие си мислите оти полесно ќе ги дешифрирате визиите на Нострадамус во која било верзија на превод отколку овие јасновидни одговори искажани на државен македонски јазик. Е, ама експертиве во 49-минутното експертско шоу му се навртеа на граѓанството, за кое имаа ептен јасни прогнози. Оти за себе и сопствената капацитетност имаат тотална магла во умот.

Видиш ти, јас на пример не сум знаела дека народот имал авторитарен карактер, да не кажам колективен идентитет на стока, која следела команди на политички струи. Тој народ гласал за посилниот, односно сигурниот победник. Браво, дечки! Предвидовте кој ќе победи на изборите за кои не знаете ни дали ќе ги има! А победникот веќе и победил, зашто авторитарниот народ бил немоќен што било да смени и зашто е резигниран и летаргичен, па и разочаран. Што значи овој Емилијанчо пак ќе треба да чека некои други избори за да се курчи.

Сега, малку ме измешаа ваквите експертски оцени, оти, колку што знам, токму народот како збир од индивидуи со право на глас, со еден потег на пенкало зад изборен параван и огромно присуство на монитори може да се ослободи од летаргија. Но Мехмети и Пеѓо не мислат како мене. За нив народот останува стока, која нема свест, ами само нагони и инстинкти. Плус, тие прорекоа дека СДСМ ќе загуби и на следните избори. ДУИ нормално било малку покомотно во тој поглед. Иако јас не сум баш убедена во тоа. Но која сум па јас да мислам како дел од летаргичен народ, кој се препушта на струја!

Е, ама во рамките на тој ист народ имало и една каста интелектуалци, кои не биле субјекти и кои, исплашени од силата на субјектите (во случајов победникот на избори), избирале да ги носи струјата (победничката, де), што веројатно значи дека тие се објекти, да не речам непродуктивни трупци што пловат по Вардар. Ова нормално не се однесува на експертите што ја правеа експертизата, кои, пак, не се препуштаат на струната енергија, ама не можеле да се доискажат попрецизно во една или повеќе вакви шоу-програми, кои не оставаат простор за подлабоки анализи??? Оф! Туф! Аман!

Да заклучам: со вакви експерти и експертизи, со вакви објекти маскирани во субјекти, со либертаријанци што уживаат во ропство и статус на привилегирани робови кај својот омилен господар, Македонија може слободно да се препушти на уживанцијата да биде црна дупка во која неповратно се губи секое зрно на памет, знаење, одговорност, промислување, вредност, етика, љубопитност, истражување, елан, енергија, мотивација, идеали.

Не знам за вас, ама мене пред очи веќе сега ми е сѐ лилаво. Ич не морам да ја исчекам годината да помине за некој од пророциве да ми ја обои и следната 2015 година.

Мирка Велиновска за Нова Македонија

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.