СДСМ го бара Бранко на помош за спас од Заев

Каде е Бранко Црвенковски во овие тешки моменти за државата и пред се за СДСМ и зошто тој се уште мудро молчи, е прашањето кое се погласно го поставуваат и во опозицијата. Дел од нив го бара мислењето на Црвенковски за да може да расчисти со него. Но, многу поверојатно е дека во неговиот глас многумина ќе препознаат знак за преземање на партијата узурпирана од Зоран Заев, анализира Република.

Во насилството кое го промовираше Заев- докажано и во последните закани до Љубчо Георгиевски кога поранешниот премиер отворено порача дека СДСМ стои зад нелегалното снимање- сега се бара јавно да се изјасни и Црвенковски „дали е за или е против“. Така, Заев се заврти против својот ментор и човекот кој што му ја поклони слободата.

Бранковистите истуркани од новите струмички кадри во СДСМ подолго време подготвуваат стратегија како да спасат што може да се спаси од партијата по Заев. Пред два месеци во незадоволството од раководството предничеа токму Струмица, Куманово и Охрид. Затоа не е ниту чудно што овие три места беа во фокусот на партиското раководство, каде локалните општински организации беа приморани да застанат и да извршат криминално дело пред камерите како доказ за верност кон Заев. Но, дали еднодневната активност ќе ја смени перцепцијата за членството во овие општини, тешко е да се поверува, пишува во анализата  на Република.

Стево Пендаровски како „непартиски“ човек е во раководството на СДСМ, а всушност тој е последната директна продолжена рака на Црвенковски кој што „ја приживеа струмичката метла“. Додека од некогашните видни членови на СДСМ нема ниту трага ниту глас, Пендаровски ја има задачата да преку медиумите одвреме- навреме разбирливо да ја артикулира политичката порака на СДСМ. Секако, откако Заев ќе се истакне со гафови во серија во едно или две интервјуа во низа.

Така беше и последните два дена. Заев во низа, во две интервјуа во еден ден, прво посочи дека „господ го извадил од нива, го довел до тука, па нема да го пушти низ вода“, за потоа да порача дека е спремен да предводи насилство против својот народ, само да ја зачува позицијата во присвоената партија. Веднаш на трета телевизија беше присутен Пендаровски за да може да ги објасни чекорите на СДСМ. Партијата во јавноста функционира со два челни лика, откако Заев за себе почна да збори во трето лице еднина, а Пендаровски „се виде“ како премиер.

Делови од апелот изразен во една колумна, Бранко Црвенковски, поранешниот државен претседател, а вечен лидер на СДСМ, да се произнесе за состојбата, беше пренесен од опозициските медиуми финансирани од Сорос. Но не е само Црвенковски тој што молчи, молчат и голем број негови приврзаници. Но, молчат ли, или го чекаат неговиот знак?

Дали на повидок е конечната пресметка меѓу бранковистите и заевистите? Дали се подготвува враќањето на Црвенковски? Дали Бранко ќе се враќа лично, или само ќе „ги размести коцките“ за да го устоличи неговиот фаворит Пендаровски?

Некој прашања, сепак, не заслужуваат одговор.