СДСМ го потцени народот со својата антидржавна политика

Заменик-министерот за образование Спиро Ристовски на вчерашната трибина на ВМРО-ДПМНЕ во Крива Паланка рече дека особено задоволство му е да говори за тоа што се е направено во секторот за образование бидејќи образованието е ден од врвните приоритети на Владата на РМ.

– Основен фокус е реформата на образованието во РМ. Ние мора да го градиме сопствениот развој како држава на ниво на знаење, а тоа може да го направи народ на кој му е овозможена пристапност до образованието од страна на институциите и Владата. Во изминатите години во североисточниот регион се инвестирани над 180 милиони денари за подобрување на инфраструктурните услови на училиштата, за подобрување на условите за работа и згрижувањето на учениците во ученичките домови. Инвестирано е и во спортска инфраструктура, а доказ за тоа е дека во Крива Паланка се реконструирани три училишни објекти и еден ученички дом, а ќе се гради и нова училишна спортска сала. Тоа се делата поради кои ја имаме вашата поддршка, рече Ристовски.

Тој нагласи дека разочараноста кај народот е голема бидејќи опозицијата со својата антидржавна политика го потцени.

– Изминатите неколку месеци СДСМ со својата антидржавна политика го потцени народот, сметајќи дека со креирани, сечени, лепени материјали прибавени од странски агентури ќе дојде на власт, но се излажаа, ве потценија зашто вие гледате дека ВМРО-ДПМНЕ  е партија во чиј фокус е Македонија и македонскиот народ, а нашите дела се вистината за Македонија и никој нема право да го окупира терминот „вистина“. Вистината се делата кои вам ви го подобруваат животот, рече во обраќањето пред кривопаланчани Ристовски.

Тој потенцира дека секогаш пред народот ќе излегуваат со максимална отчетност за се што сработиле, а на граѓаните им порача да веруваат во себе зошто само тие се целата вистина и иднината на Македонија.