СДСМ и албанските партии ќе ја отфрлат платформата?

платформа

Албанските политички партии во Македонија покажуваат цврстина. СДСМ молчи. Никој со сигурност не може да каже дали следниот чекор за надминување на политичката криза во Македонија ќе биде отфрлање на платформата на албанскиот премиер Еди Рама.

Иако се уште не се закажани, политичките партии кои се дел од сценариото за редефинирање на Македонија калкулираат, како евентуалното отфрлање на платформата би се одразило врз нивниот рејтинг за локалните избори, пишува порталот „Прес24“.

Откако стана јасно дека граѓаните се подготвени на се само да не дозволат платформата на Еди Рама да биде преточена во закони, партиите кои договорија собраниско мнозинство бараат начин како да ја надминат пречката а при тоа, од целата ситуација да излезат со што е можно помала штета.

Официјално, ниту една од трите партии на Албанците – потписнички на Декларацијата, нема намера да се откаже од неа. Едногласни се дека таа не треба да биде пречка за формирање Влада и дека претседателот Иванов нема причина да не му го додели мандатот на СДСМ.

Сепак, неофицијално, најголемиот дел од нив признаваат дека се свесни дека во ваква ситуација, повеќе од извесно е дека таа нема да помине, или пак, доколку се направи обид да се протне спротивно на волјата на мнозинството граѓани останува опасноста сериозно да се дестабилизира Македонија.

Од БЕСА велат дека нема потреба од повлекување на Декларацијата бидејќи сите точки во неа се дел од политичките програми со кои партиите на Албанците излегоа на избори. Сепак велат дека се подготвени на било каков чекор но претходно мора да има усогласување меѓу сите потписници.  Ваквиот став на БЕСА е очекуван особено ако се знае дека оваа партија прави максимални напори да се дистанцира од ДУИ и не сака да си дозволи, во ситуација кога значително расте на политичката сцена да излезе со порака, платформата да биде повлечена и да му направи улсуга на значително ослабениот ДУИ пред локалните избори.

За ДУИ декларацијата е во согласност со Уставот и Рамковниот договор. Од партијата воопшто нема никаков став околу можноста таа да биде повлечена, што е и за очекување, особено ако се има предвид дека ДУИ е најголемиот губитник на последните избори, а станува извесно дека и на локалните ќе биде збришан од најголем дел општини кои традиционално ги раководеше. Причина плус се и нарушените односи со ВМРО-ДПМНЕ, па доколку најголемата македонска партија се реши да ја пренасочи поддршката кон БЕСА нема да биде изненадување ако ДУИ остане со градоначалници само во некои селски средини.

Сличен е ставот и на Алијансата на Албанците, партија од која што не се очекува многу на локалните избори освен можеби да го задржи местото во Струга.

За локални избори се подготвува и СДСМ, а прифаќањето на платформата на Бихаќка знаат дека може да има лоши последици за партискиот рејтинг, бидејќи гласовите на етничките Албанци не може да донесат победат во поголемиот дел од средините.  Затоа партијата прави обид да ретерира од своите позиции, а тоа го потврди и вчера Шеќеринска која остави простор, платформата на Еди Рама сепак да биде отфрлена.

Платформите на други политички партии не се прашање кое ние го решаваме. Ние сметаме дека со политичките партии, со кои би разговарале за формирање влада, ќе отвориме дискусија за многу точки, кои се дел од нивните предизборни или постизборни платформи. Меѓутоа, да, точно е дека после изборите беше направен обид да се промени целата тема во политичката дебата, смета Шеќеринска.

За ВМРО-ДПМНЕ има прилично константен став кога станува збор за платформата на Еди Рама. Партијата против нејзината имплементација во Македонија и ја најави својата поддршка за малцинска Влада на СДСМ доколку Заев се реши да ја отфрли.

Доколку се случи, платформата да биде отфрлена, тоа ќе биде голема победа за македонските граѓани кои веќе 10 дена масовно протестираат на улиците ширум Македонија.