СДСМ: Иванов не знае да препознае европски вредности

СДСМ со писмено соопштение реагира на прес-конференцијата на Ѓорге Иванов на која што претседателот соопшти дека нема да го потпише Законот за употреба на јазиците.

„Со непотпишувањето на Указот за Законот за употреба на јазиците, Ѓорге Иванов повторно покажува дека не поседува капацитет да излезе од политиките на поделби и раздор во коишто е заробен со години и коишто ги промовира во секој негов јавен настап.

Очигледно е, Иванов не знае да ги препознае европските вредности.

На овој начин Иванов дејствува против концептот на едно општество за сите, концепт на којшто граѓаните му дадоа силна поддршка на последните неколку изборни циклуси. Со таквото дејствување, Иванов работи на штета на државните и на интересите на граѓаните.

Во периодот кога државата прави крупни чекори кон обединувањето на граѓаните околу стратешките цели, враќање на демократските вредности и интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО, Иванов продолжува со промоција на политиките на изолација, работи на раздор и поделби помеѓу граѓаните.

Законот за употреба на јазиците не е спротивен на Уставот. Напротив, тој целосно е во согласност со Уставот и амандманот 5 кои се донесени пред 17 години и со неговото усвојување не губи никој, туку добиваат сите. Новиот закон има обединувачка улога и е во корист на сите граѓани и Република Македонија која се гради како едно општество за сите“ се вели во реакцијата на СДСМ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.