СДСМ ја остави државата со 38% невработеност и уништи многу семејства

Кабинетот на дополнителниот заменик министер, Диме Спасов, испрати реакција на изјавата на Дамјан Манчевски, попретседател на СДСМ.

Реакцијата ја пренесуваме во целост: 

Политичарите од СДСМ знаејќи дека ги очекува пораз на претстојните парламентарни избори ветуваат напразно и се обидуваат да ги копираат проектите кои веќе се реализираат и даваат конкретни резултати.

Токму СДСМ е партијата која во 2006 остави 38% невработеност во државата и уништи многу семејства а денес се обидуваат со бесмислени ветувања да ги манипулираат граѓаните.

Манчевски не може да го потисне фактот дека реализирањето на голем број на мерки за вработување од 2007 години па навака допринесе невработеноста да падне на 24%. Со годишните Оперативни планови за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот се дава посебен акцент за отворање на нови работни места за млади.

Младите преку мерката за Самовработување со кредитирање може да искористат 7000 евра со фиксна камата од 1 % a рок на враќање на средствата е 7 години односно период  на отплата 5,5 години и  грејс период од 1,5 години.  Додека пак со мерката Самовработување со грант имаат можност да искористат 5000 евра за отпочнување свој бизнис со ослободување на плаќање на давачки во период од 3 години.

Со реализацијата на мерката ослободување од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување на млади лица до 29 години за само две години постигнавме 12 400 вработувања на млади до 29 години а преку проектот Македонија вработува се вработија 7700 млади лица.

Ова се конкретни бројки од кои граѓаните гледаат реален бенефит, за разлика од сеењето магла на СДСМ, партија која освен празни ветувања, зголемена невработеност и економска пустош не реализирала ништо за граѓаните.

Дамјан Манчевски во стилот на политичката партија на која и припаѓа се обидува сто пати да повторува лага и да се надева дека ќе стане вистина. Нема да им помине. Граѓаните знаат да ги разликуваат делата од лагите.