СДСМ: Ќе изградиме систем за заштита од поплави

СДСМ денеска на прес конференција најави дека доколку партијата ја освои власта на изборите, ќе изгради ефикасен систем за одбрана на Скопје од големи води, ќе ги уреди сливните подрачја, и ќе ги исчисти речните корита и каналскиот систем, а како што рекоа од партијата нема да ги трошат парите за непотребни работи, како што тоа го прави оваа власт.

Од партијата истакнуваат дека голема област и многу населени места во Скопско биле изложени на опасност и на катастрофи од поплави исклучиво заради неодговорноста и неспособноста и негрижата на власта.

– Ќе изградиме ефикасен систем за одбрана на Скопје од големи води. Ќе ги уредиме сливните подрачја, ќе ги исчистиме речните корита и каналскиот систем. Ќе го заштитиме Скопје од порои. Ќе ја санираме скопската обиколница, за да не ги поплавува куќите на жителите од Стајковци и другите населени места. Ќе изградиме системи за атмосферска и фекална канализација кои ќе ги намалат ризиците од поплава. Процентот на рурални населени места покриени со атмосферска канализација од сегашните 18% ќе го подигнеме на 40%. Ќе го заштитиме Стајковско езеро од излевање, истакна на денешната прес-конференција потпретседател на СДСМ, Дамјан Манчевски.

За да се спречат вакви несреќи, како последната поплава, посочуваат од партијата, ќе биде воведена забрана за изградба на објекти во коритото на „Вардар“ и другите реки во Македонија.

– Нема да дозволиме „Галии“ и други пиратски градби кои го зголемуваат ризикот од поплави. Ќе изградиме современ хидрометеоролошки систем за рано предупредување, за граѓаните во цела Македонија мора да бидат навремено информирани кога има ризик од поплава. Ќе изградиме нови системи за наводнување и одводнување во сите подрачја со најголем ризик од поплава. Годишно ќе инвестираме 10 милиони евра во вакви системи, истакна членот на ИО на СДСМ, Љупчо Николовски.