Македонија

СДСМ ќе ги „фрла“ бомбите од странските разузнавачи

СДСМ ќе ги „фрла“ бомбите од странските разузнавачи

Централниот одбор, го овласти раководството на СДСМ да ги обелодени т.н. бомби, односно материјалите што лидерот на СДСМ, Зоран Заев ги добил во соработка со странска разузнавачка служба. Од партијата велат дека Одборот едногласно застанал зад Заев и раководството на партијата и донел цврста и решителна одлука да почне објавувањето на документите.

„Целта на овие документи не е само да се констатираат постоечките состојби и да се објави вистината, туку и да се иницира процес на враќање на слободата и демократијата и возобновување на правната држава“, се вели во соопштението на СДСМ.

Покрај оваа, Централниот одбор на СДСМ вечерва донесе и неколку други одлуки.

По истекот на мандатот на Рената Дескоска Треневска како претседавач со Централниот одбор, едногласно е именуван нов претседавач, членот на Централниот одбор, Диме Велковски. Рената Дескоска Треневска останува членка.

Исто така, Централниот одбор на СДСМ едногласно одлучи, Едмонд Адеми да биде член на Извршниот одбор и на Централниот одбор на СДСМ.